Легендарниот џез композитор Чик Корија почина на 80-годишна возраст

од Nikola Popovski
250 прегледи

Американскиот џез композитор и клавијатурист Чик Корија почина, на 9 февруари, од редок вид на рак на возраст од 80 години, беше објавено денес на неговата страница на Фејсбук.

Тој беше уметник со најмногу номинации за Греми награди во историјата, со 65 номинации, а ја доби престижната награда 23 пати. Тој е добитник и на три латино Греми награди.

Тој е најпознат по својата работа во текот на седумдесеттите години од минатиот век во жанрот на фјужн џез. Тој е еден од пионерите во тој жанр, како член на групата „Мајлс Дејвис“ во текот на шеесеттите години на минатиот век, и продолжи да работи во таа насока со сопствениот бенд „Return to forever“. Од 1980-тите, тој продолжува да истражува различни музички стилови, независно и преку соработка со други уметници.

„Сакам да им се заблагодарам на сите што помогнаа да светат огновите на музиката во текот на целиот пат“, напиша тој во пораката пред неговата смрт.

„Се надевам дека оние што имаат желба да играат, да пишуваат, да изведуваат ќе можат да го сторат тоа. Ако не за нас самите, тогаш за нас останатите. Не само затоа што на светот му требаат повеќе уметници, туку и затоа што е позабавно“, напиша тој.

Покрај џез, свиреше и класична музика, па компонираше концерти на пијано и свиреше со лондонската филхармонија. Свиреше и акустични и електрични пијана.