Првото Ferrari 250 GT SWB California Spider, дизајнирано од компанијата Pininfarina, чија каросерија е произведена од компанијата Carrozzeria Scaglietti, е продадено на аукција во Монтереј за 17,055 милиони долари.
Од сите модели на Ferrari, малкумина имаат полегендарен статус од серијата 250. Овој автомобил беше огромен успех во трките во 1950-тите, а калифорнискиот увозник Џон фон Нојман предложи Ferrari да произведе верзија без покрив, која може да се користи за секојдневно возење, но и на патеката. Недолго потоа се роди моделот 250 GT LWB California Spider, чие производство беше ограничено на 50 примероци.
Ferrari тогаш одлучи да произведе втор California Spider заснован на пократка платформа со меѓуоскино растојание од 2.400 mm. Произведени се само 56 примероци, а овој со број на шасија #1795 GT е првиот од нив.
Автомобилот беше изложен на саемот за автомобили во Женева во март 1960 година пред да биде вратен во фабриката, опремен со црна внатрешност и испорачан на купувачот. Се возеше на различни познати патеки, вклучувајќи и Нирбургринг, пред да биде продаден и испорачан во САД. После тоа смени неколку сопственици, меѓу кои и директорот на компанијата „Филип Морис“, а претходниот сопственик го додаде во својата колекција во 2008 година.
Не само што ова е првото произведено Ferrari 250 GT SWB California Spider, туку ова е и еден од трите примери што добија тркачка верзија на познатиот мотор Tipo 168 V12 на Ferrari. Автомобилот има и ретки покриени фарови и фабрички тврд покрив, а купувачот доби и Ferrari Classiche Red Book, односно сертификат дека го има оригиналниот мотор, менувач и погон.