Renault слави 30 години од својот најмал модел, автомобил кој го збогати автомобилскиот свет со својот оригинален изглед, но постави и нови стандарди во однос на практичноста и искористеноста на просторот.
По тој повод, компанијата во соработка со дизајнерката и современа уметница Сабине Марселис го претставува Twingo во сосема нова улога. Автомобилот сега доби проѕирни каросериски панели низ кои се гледа структурата на возилото. Предните светла добија LED технологија, со осветлен долен влез во браникот, според „Index“.
Twingo исто така добива ново лого на брендот и редизајнирани куќишта на страничните ретровизори. Во внатрешноста доминира црвената боја со проѕирни елементи како што се воланот и дигиталниот кокпит. Секако, незаменлив дел од ова Twingo е и панорамскиот покрив. И ако се прашувате каде отишла издувната цевка, одговорот доаѓа од Renault објаснувајќи дека Twingo сега има електричен погон.
Renault Twingo Sabine Marcelis е најновата креација на еден од историските модели на Renault. Претходно го видовме Renault 4 Suite N°4 потпишан од Mathieu Lehanneur и R5 Diamant дизајниран од Pierre Gonalons.