Лекарска комора: Истакнати три приоритетни реформи на средба со министерот Таравари

од Илинка Илиоска
42 прегледи

На денешната средба помеѓу Лекарската комора и новиот министер за здравство, д-р Арбен Таравари, беа истакнати приоритетите за подобрување на здравствениот систем во Северна Македонија. Средбата се одржа во просториите на Лекарската комора и се фокусираше на три клучни области: електронско водење на медицинската документација, упатување на пациентите и проширување на Позитивната листа на лекови.

Претседателката на Лекарската комора, проф. д-р Калина Гривчева Старделова, нагласи дека е потребно поедноставување на процедурите за водење на медицинската документација. „Сметаме дека е исклучително важно да се направи поедноставување на процедурите за водење на медицинската документација на сите нивоа. Тоа лесно може да се примени со системот на електронско здравство што веќе го имаме,“ рече Гривчева Старделова.

Таа предложи укинување на хартиените картони и потребата да се печатат повеќе документи, што ќе ослободи лекарите од непотребна административна работа.

Во однос на упатувањето на пациентите, Комората истакна за важноста на следење на патеките за движење на пациентите низ здравствениот систем. „Сериозно мора да се пристапи кон примена и запазување на патеките за движење на пациентите,“ додаде Гривчева Старделова. Препораката е дијагностичките процедури да се завршуваат на примарно или секундарно ниво за да се избегне преоптовареност на клиниките и недостаток на работа во локалните болници.

Во врска со Позитивната листа на лекови, беа нагласени потребите за вклучување на лекарите и пациентските здруженија во процесот на проширување.

„Важно е овој процес да биде инклузивен и за пациентите, преку нивните здруженија за да се информираат навремено за одлуките и да имаат можност да ги претстават своите видувања,“ истакна Гривчева Старделова.

Дополнително, на средбата се дискутираше и за вработување на специјализанти и задржување на младите доктори во земјата. Комората нагласи дека специјализациите треба да се доделуваат согласно потребите на здравствените установи, а процесот на вработување на лекари треба да биде поедноставен.

Лекарската комора, заедно со Фармацевтската и Стоматолошката комора, истакнаа дека остануваат посветени на соработката со Министерството за здравство и се подготвени активно да учествуваат во процесот на реформите. На предлог на министерот Таравари, договорена е редовна динамика на средби и активно вклучување на коморите во реформските процеси.

Слични содржини