Пациенти кои имаат инфекција со SARS-CoV-2 вирусот може да развијат сериозни компликации на гастроинтестиналниот систем кои во некои случаи се манифестираат и со обилни крварења или со акутно воспаление на панкреасот. Затоа е потребно лекарите да бидат внимателни и да не ги потценуваат или занемаруваат раните и благи гастроинтестинални симптоми. Ова се главните препораки од деветтата онлајн дебата која ја организираше Лекарката комора на РСМ со цел овозможување на подобра комуникација и размена на искуства меѓу здравствените професионалци за лекувањето на пациентите инфицирани со вирусот кој веќе една година го држи светот во пандемија.
Научен соработник д-р Дафина Николова од Универзитетската Клиника за гастроентерохепатологија објасни дека најчест гастроинтестинален симптом кој го добиваат пациентите е дијареја која се јавува кај 30% од инфицираните, а потоа следува губење на апетитот кај 26.8% од пациентите. Пациентите чувствуваат и гадење и/или повраќање (3.9-10.1%), како и абдоминална болка/дискомфорт (1.1-2.2%).
Таа потенцираше дека кај болните кои имаат само гастроинтестинални симптоми често е одложено дијагностицирањето на Ковид-19, што ги прави овие пациенти извор за расејување на вирусот.
„Потребно е високо ниво на свесност кај клиничарите, бидејќи овие пациенти се хоспитализираат во не-КОВИД центри што може да претставува опасност за останатите пациенти и персоналот. Лекарите треба да бидат внимателни и да не ги потценуваат или занемаруваат раните и благи гастроинтестинални симптоми и да се сомневаат на можна Ковид-19 инфекција, дури и кај пациенти со претходна постоечка гастроинтестиналнa болест”, истакна д-р Николова.
Пациентите со воспалителни цревни болести, иако имаат повеќе рецептори за поврзување со вирусот, сепак имаат еднакви шанси како и општата популација за инфекција.
“Потребен е индивидуален пристап кај секој пациент, а пациентите кои имаат влошување на цревните симптоми, потребно е најпрво да се тестираат за SARS-CoV-2 вирусот, за да се разграничи дали станува збор за Ковид-19 инфекција манифестирана само со гастроинтестинални симптоми или пак за влошување на воспалителнита цревна болест. Во однос на нивната хронична терапија во случај на инфекција со коронавирусот постојат прецизни препораки кои треба да се применуваат во консултација со лекар”, изјави д-р Николова.
Во однос на вакцинацијата на пациенти со воспалителни цревни заболувања генерална препорака е дека пациентите треба да се вакцинираат кога ќе имаат прилика за тоа. Одложување на примањето на вакцина треба да се направи само ако болеста е во фаза на влошување. Употребата на имуносупресивна терапија не треба да ја одложи вакцинација, туку пациентот треба да се вакцинира кога прима најмала доза на системски кортикостероиди. Може да се прими било кој тип на вакцина во две дози. Вакцинација се препорачува и кај пациентите кои биле инфицирани со Ковид 19 и тоа 4 недели по почеток на симптоми или 4 недели по позитивен PCR кај асимптоматски пациенти.
Претседателот на Лекарската комора, проф. д-р Калина Гривчева-Старделова, потенцираше дека во третманот на пациентите со Ковид-19 се забележани случаи на обилни крварења во гастроинтестиналниот систем и кај пациентите кои немале претходно заболување.
„Имавме случај на 17 годишна пациентка со обилно крварење од ректумот, која на клиниката беше донесена во многу тешка состојба со потреба веднаш да се даде трансфузија на крв. Пациентката добро реагираше на лекувањето и крварењето беше запрено. Вакви случаи на гастраинтестинални крварења сè почесто сретнуваме, без наод на видлива причина за крвозагуба, па се смета дека крварењето настанува како последица на Ковид-19 вирусот и примената терапија за негово лекување, пред се антикоагулантана терапија”, објасни проф. д-р Гривчева Старделова.
Д-р Владимир Аврамовски од Клиниката за гастроентерохепатологија појасни дека болеста се јавува во три фази и во секоја може да се јават различни гастроинтестинални манифестации.
„Лекарите мора да ги разликуваат фазите на болеста и точно да одредат пациентот во кој стадиум се наоѓа за да може да донесат правилна одлука за тоа која терапија е најадекватна. При одредувањето на терапијата мора да се има предвид и ризик стратификацијата според различни критериуми, како што се возраста, гојазност или присуството на други заболувања “, изјави д-р Аврамовски.