Лесен рецепт за брзи домашни кифли

од Elena Daskalova
1,7K прегледи

Овие кифли се прават многу лесно, најпрво затоа што не треба да чекате тестото да нарасне, а толку се вкусни, што ќе ги правите секој ден, затоа што и брзо ги снемува.

Состојки за околу 16 парчиња (зголемете ја дозата пропорционално доколку сакате повеќе):

250 гр пченично брашно
125 гр меко сирење
Едно јајце
50 мл маслиново масло
50 мл млеко
3 лажички прашок за пециво
Пола лажичка сол
Сусам или афион

Подготовка:

Во длабок сад измешајте го просеаното брашно со прашокот за пециво, ставете ја солта, па испасираното сирење и добро измешајте. Настрана одвојте ја белката од жолчката. Изматете ја белката со вилушка, па ставете млеко, маслиново масло и добро измешајте. Спојте ја оваа смеса со брашното и замесете тесто. Ако е лепливо, додадете уште брашно.

Тестото рассукајте го, па од него исечете 16 триаголници. Виткајте ги како кифли. Ако сакате можете да ставите и малку сирење како полнење. Наредете во тепсија за печење, премачкајте со жолчка и ставете сусам или афион.

Печете околу 30 минути во претходно загреана рерна на 180 степени. Кога се печени покријте со крпа, а откако ќе се изладат чувајте ги во платнена торба или крпа, за да не се стврднат.

Слични содржини