Летонија има за цел да се претстави како центар за 5G воени тестирања во Европа, спроведувајќи го успешниот технолошки тест кон крајот на минатата година, што доведе до проширениот напор планиран за 2021 година.
Неколку дена во ноември минатата година, воената база Адажи, лоцирана надвор од Рига, беше привремено претворена во 5G центар. Тестот вклучуваше вршење медицинска обука преку очила за виртуелна/проширена реалност, како и обука за воениот персонал преку VR слушалки, а поддршката за виртуелна реалност беше овозможена од летонски компании.
Обуката се одвиваше на растојание од 20 километри помеѓу воените единици, изјави за C4ISRNET, Јенис Гарисонс, државен секретар на Министерство за одбрана на Летонија. Ова подразбираше и комуникација со беспилотните летала на далечина.
Од зачнувањето до извршувањето беа потребни околу три месеци, според Ингмарс Пукис, потпретседател за маркетинг и бизнис развој во LMT, најголемиот провајдер на телекомуникации во Летонија. Компанијата постави полигон за тестирање и работеше на експериментите заедно со Министерството за одбрана.
5G мрежата е базирана на технологијата на Nokia Corp, при што Гарисонс нагласи дека кинеската компанија Huawei Technologies, која е главна безбедносна грижа за американската војска, никогаш не била разгледувана како опција. Ова е резултат на протоколите за сајбер безбедност што минатото лето ги донесе владата, а кои бараат сите 5G компоненти што се користат во Летонија, да бидат произведени во земјите на НАТО или ЕУ.
Двајцата одбија да ги наведат вкупните трошоци за напорите, но беше истакнато дека се драматично пониски од 600 милиони долари најавени за пет американски воени тест локации. Ова не е изненадување, бидејќи годишниот буџет за одбрана на Летонија изнесува околу 708 милиони евра (830 милиони американски долари по тековниот курс).
Полигонот за тестирање не беше првиот експеримент поврзан со 5G на Летонската влада, која изготви груб 5G план за земјата до 2024 година. Претходните тестови испитуваа дали примопредавањето на мрежата долж летонската и естонската граница може непречено да се направи и дали мобилните телефони можат да бидат поврзани со тактички радио станици за да создадат поширока мрежа, која Пукис ја нарече „помалку луда“ поради нејзината сложеност.
Но, ова беше првпат воена база да се користи како полигон за тестирање со посебен акцент на 5G воените можности, и покрај тоа што Пукис ја опиша почетната рунда на тестови како експериментирање со основните 5G можности.
Гарисонс гледа „три главни правци“ за развој на 5G во Летонија: свесност за ситуацијата и рано предупредување, вишок на комуникациска мрежа и иден технолошки развој.
Летонија е „мала земја и немаме многу работна сила“, рече Гарисонс. „А преку овие технологии можеме да постигнеме некои ефекти, кои веројатно не би можеле да ги постигнеме“ наспроти помоќна сила.
Иако Гарисонс не ја спомена Русија по име, колегата од Атлантскиот совет, Јан Бжежински рече дека е „исклучително важно“ Летонија да се фокусира на 5G технологијата, како спротивност на својот поголем сосед.
„Технологијата може да биде моќен мултипликатор на сила – посебно кога таа технологија е пред противничката“, рече Бжежински. „На земја со големина на Летонија, која се граничи со Русија со сегашната влада во Москва, потребна и е таа предност во конкуренцијата“.
Идно проширување
Двајцата Летонци признаа дека ќе бидат среќни нивната нација да стане клучен дел од развојот на 5G системите на НАТО, но дискусиите во овој момент се во рана фаза.
Канада има стационирани сили во Адажи како дел од засиленото присуство на НАТО и изрази интерес понатаму да го разгледа она што го научи летонската влада од тестот, рече Гарисонс. Дополнително, Летонија ги презентираше своите сознанија на состанокот на Агенцијата за комуникации и информации на НАТО, одржан кон крајот на 2020. година.
„Летонија ги понуди своите 5G капацитети ако сакаме да соработуваме во иднина“, потврди портпаролот на НАТО, Саманта Елингер за C4ISRNET, но додаде дека земјата е една од многуте членки на НАТО што ја истражуваат оваа технологија.
„Во оваа фаза ова го правиме првенствено за Програмата за работа на Одборот на НАТО за консултации, команда и контрола (C3) и Иновациската програматза работа на Сојузничката команда за трансформација, но заинтересирани сме понатаму да соработуваме со Летонија за да ја истражиме оваа тема“, рече Елингер. „Неколку НАТО држави го истражуваат потенцијалот за воспоставување заеднички напори за воени 5G апликации, и тоа е мултинационален проект што го овозможи Агенцијата.
Алијансата организира 5G сесија на претстојната Меѓународна конференција за воени комуникации и информациски системи (ICMCIS) во мај, додаде таа.
Гарисонс рече дека имало првични разговори и со САД, и истакна дека Летонија, која како и другите балтички нации, секогаш бара американско воено присуство – потенцијално може да биде домаќин на вежби не само во врска со 5G, туку и во поглед на поширока воена обука.
„Мислам дека најинтересен би бил обидот за поврзување на мрежите од двете страни на Атлантикот и одговорот на прашањето: Можете ли да ги користите како една?” забележа Пукис. „Теоретски може да имате единствена обука во виртуелна реалност, да бидете географски на различни места. Постојат огромен број проблеми што треба да се решат околу ова, но тоа би бил прекрасен случај на употреба“.
„Преземањето лидерска улога во развојот и примената на таквата технологија е одличен начин за продлабочување на ангажманот со клучните сојузници како САД, Германија и другите“, рече Бжежински. „5G е навистина возбудливо царство и Летонија сега се движи напред. Она што би сакал да го видам е дека основната група сојузници на НАТО го води ова напред – САД, Велика Британија, Германија, Летонија и можеби Полска – добивате јадро сојузници и тие почнуваат да го водат тоа на агендата на алијансата“.
Бжежински додаде дека клучната локација, како што е воздухопловната база „Рамштајн“ во Германија, која е домаќин на сојузничката воздухопловна команда на НАТО, како и средствата на американските и германските воздухопловни сили, треба да биде дом за 5G балонот за понатамошно експериментирање и обука.
На краток рок, Летонија ќе продолжи да ја тестира употребата на 5G за беспилотни системи во следните месеци. Долгорочно гледано, целта е да се прошири местото за тестирање на поголемо географско подрачје, но како точно тоа ќе изгледа, се уште се разработува помеѓу MoD и LMT. Пукис се надева дека ќе биде поставен и подготвен да започне пред крајот на 2021 година.
„Колку побрзо направите нешто практично и физичко, толку подобро – тогаш имате искуство кое можете да го надградувате“, рече Пукис. „Затоа што понекогаш, кога правите супер кул и скапи планови за многу години, ништо не се случува со години и светот оди напред. Оние кои прават нешто побрзо обично победуваат, за разлика од оние кои фантазираат за тоа“.