Левица: 100 дена нова влада стара политика – ДПМНЕ ја продолжува праксата на СДС

од Илинка Илиоска
23 прегледи

Бришењето на името Македонија и секој негов писмен траг, заедно со прифаќањето на Преспанскиот договор, укажува на национални понижувања и дипломатски скандали, кои ја одбележуваат првата стотка дена владеење на новата Влада. Злоупотреба на службената положба и зголемување на бројот на министерствата, воведување нови директори и најавување на енормни задолжувања се дел од „успесите“  кои ги донесе новата Влада, во првите сто дена владеење. порача Левица.

Десничарската коалиција на ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ, според партијата, создаде една од најобемните влади досега, иако беше ветено намалување на бројот на агенции и директорски места. „Наместо ова, монструозниот државен апарат што се создава, е слуга исклучиво на коалициските апетити за полнење на џеповите на функционерите од власта,“ се додава во соопштението.

Левица ја критикува власта и за одбивањето на понудата за претседател на Собранието од страна на Левица, како и за одбивањето на интерпелацијата, со што „го устоличија Африм Гаши, којшто во низа скандали ја погази државата и злоупотреби неговите ингеренции.“ Додека, како што се наведува, „наставниците се оставени на минимална плата,“ за трет албански универзитет „се одвоени над 34 милиони евра.“

Партијата истакнува дека коалицискиот партнер на Мицкоски најави „паралелна албанска академија,“ и дека оваа иредентистичка политика е поткрепена со изјави на премиерот за дестабилизација на државата. Според Левица, по договор на коалицијата, Законот за бранителите останува заглавен.

„Надворешната политика ниту сантиметар не се разликува од она што го правеа СДС и ДУИ,“ тврдат од Левица, нагласувајќи дека „најавите за раскинување на штетните договори не постојат повеќе, а политиката на подреденост кон националистичките политики на нашите соседи продолжува.“ Според нив, „напредок кон ЕУ по ниту еден параметар нема,“ а спроведувањето на договорите обврзувачки кон Македонија не прекинува.

Левица заклучува дека државата продолжува да биде во „владеење на малкумина“ и дека клиентелизмот и коруптивноста остануваат „најголеми општествени проблеми“ кои го гушат државниот апарат. „Политиката е целосно насочена кон интересите на богатите, кои не можат да ја дочекат распределбата на најавената милијарда задолжување, додека работничката класа останува таа која на свои плеќи го носи товарот на лошо управуваниот систем.“

Слични содржини