Левица ги објави имињата на пратениците кои ќе земаат апанажа: „Ќе ја чинат државната каса над 600 000 евра“

од Nikola Popovski
2,3K прегледи

„Само досега потврдените апанажи на поранешните пратеници ќе ја чинат државната каса над 600 000 евра. Велиме досега бидејќи рокот за поднесување на барања за апанажа трае до 28 јуни, а право на апликација имаат вкупно 57 пратеници од минатиот состав“, соопштија утрово од Левица, чии пратеници остро ја критикуваа ваквата одлука на собраниската Комисија.

Покрај енормно високите плати, додаваат од опозициската партија, надоместоците за патни трошоци, бифето кое служи по набавни цени и многу други привилегии, правото на апанажа претставува уште еден доказ дека пратениците се најпривилегираните работници во државава.

Притоа партијата ги објави имињата на пратениците кои ќе добијат апанажа.

„Наспроти нив обичниот работник одвај врзува крај со крај и не му се почитуваат и оние малку права кои му се законски загарантирани. Ја потсетуваме јавноста дека на седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата единствено пратеникот на Левица, Борислав Крмов, гласаше против доделување на апанажите. Исто така #Левица уште во 2022 година поднесе закон за укинување на апанажата за избраните и именуваните функционери како и предлог закон за воведување на апанажа за работниците. И двата закони кои беа експресно одбиени од страна на широката буржујска коалиција СДС-ДУИ-ДПМНЕ-ВЛЕН“, стои во партиското соопштение.

За 29 пратеници од минатиот состав, Комисијата за избори и именувања им одобри да земаат апанажа, но бројот кои бараат плата додека се снајдат со ново работно место е поголем. На барање на поранешниот претседател Стево Пендаровски, во мирување е ставена неговата претседателска пензија.

Тоа што следува во Собранието е владејачкото мнозинство да го поднесе законот за реорганизација на владата, а најдоцна до петок, претседателката Сиљановска – Давкова да го додели мандатот за нов состав на влада на мандатарот Христијан Мицкоски.

Слични содржини