Левица го поддржа протестот против „Бехтел и Енка“

од Milan1
146 прегледи

Даваме поддршка, затоа што дејствувањето на конзорциумот „Бехтел и Енка“ ја девастира животната средина и директно го загрозува животот на луѓето во Прилеп. Не нѝ е прв пат да ги поддржиме на блокадите, нашата пратеничка група и нашиот правен тим им е целосно на располагање на активистите“ , истакна пратеникот на Левица Сашко Јанчев на денешниот протест организиран од народната иницијатива „Спас за Прилеп“.

Јанчев изјави дека преку Парламентарниот институт го побарале Договорот, но не го добиле и дека сега ќе бараат истиот да се декласифицира бидејќи постои основано сомневање за сторено кривично дело „Злоупотреба на службена должност“ при негово потпишување, бидејќи прво бил потпишан договор, а потоа биле менувани закони за да одговараат на истиот.

„Ако се утврди дека навистина има кривично дело, во правото постои правен принцип кој вели дека ‘од неправо не може да произлезе право’ и тоа е добар основ да се раскине договорот без да треба државата да плаќа штета“ – акцентираше пратеникот од Левица.

Од Левица велат дека со отворањето на рударскиот коп во близина на селото Ореовец, и оваа власт докажала дека за неа се важни исклучиво интересите на големите корпорации, дури и по цена на здравјето и благосостојбата на граѓаните.

„Упатуваме остра критика кон владејачките гарнитури за неодговорното однесување и нивното одобрение за уништување на животната средина во Прилеп и околината од страна на конзорциумот „Бехтел и Енка“.

Отворањето на рударскиот коп од страна на „Бехтел и Енка“ претставува директна закана за животната средина и здравјето на жителите на селата Ореовец, Крстец, Плетвар и градот Прилеп, како и за ретките растенија и животни во оваа област.

Изворите на вода за пиење и наводнување коишто се од витално значење за Прилеп и околните села, се загрозени од минирањето и тешката технологија за ископ!

Ова ќе има катастрофални последици не само за околните села, туку и за целиот регион.“ – соопштија од Партијата.

Тие порачаа дека како единствена политичка партија која недвосмислено стои на страна на народот и животната средина, како претходно – така и понатаму ќе продолжат со активна поддршка на сите заложби, протести и иницијативи за чиста и здрава околина и дека е време да се стави крај на капиталистичките интереси коишто се закана по животот и иднината на граѓаните.

Слични содржини