Партијата Левица повторно упати сериозни обвинувања до Министерството за внатрешни работи (МВР), обвинувајќи го министерот Панче Тошковски за распишување на, како што велат, алармантни тендери преку кои милиони денари се слеваат во фантомски и блокирани фирми.
Според Левица, најновите скандалозни договори вклучуваат доделување на речиси 4 милиони евра на две компании – „Ле Бранд“, женско модно студио со само двајца вработени, и „Памитекс Тим“, фирма основана 20 дена пред распишување на тендерот. И двете фирми немаат релевантна историја и капацитет за изработка на униформи за специјалните единици на МВР.
Дополнително, Левица ја информира јавноста за уште еден сомнителен тендер, овој пат вреден над 18,8 милиони денари, доделен на битолската компанија „ММ ПАК ЕЛПЕНИК ДООЕЛ“. Фирмата, според партијата, има три активни блокади на сметки, само пет вработени и годишен приход трипати помал од вредноста на добиениот договор. Станува збор за набавка на постелнини и кујнски инвентар за одморалиштата на МВР – со цени што, според Левица, се далеку над пазарните.
Примери кои ги наведува партијата вклучуваат:
1.650 денари за еден кујнски нож,
495 денари за жица за матење,
33.000 денари за блендер,
8.250 денари за супиера.