Владата ветуваше економски раст, но на дело гледаме класично насочување на јавните средства кон привилегираните компании блиски до власта. Кредитите кои требаше да бидат поддршка за фирмите во време на економска неизвесност, всушност, создаваат нов систем на ексклузивност во кој само големите компании имаат пристап, додека малите и средни компании, кои се основата на секоја економија, остануваат запоставени, тврдат од политичката партија Левица.
– На владина седница одржана на 17 јануари, Владата неочекувано ја прошири листата на компании кои можат да аплциираат за овој кредит и смени еден од клучните услови. Имено, првично беше предвидено средствата за енергетски проекти од обновливи извори да можат да се користат само за сопствени потреби, но таа одредба е избришана и сега секој кој ќе гради фотоволтаици, ветерници или мали хидроцентрали може да аплицира за овие средства што отвора простор за манипулации и фаворизирање на бизнисите на актуелни и поранешни политичари. Оваа измена остава сериозни сомнежи за тоа кој стои зад неа и со која цел е направена.
До Левица пристигнаа анонимни дојави од банкарскиот сектор во кои се посочува дека веќе се даваат насоки од менаџментот на банките, големите компании да бидат фаворизирани. Ако ова е точно, тогаш не станува збор само за економски скандал, туку за класично тргување со влијание.
Левица предупредуваше за последиците од нетранспарентноста на овој заем, а сега е јасно дека нашите стравови и очекувања се потврдени. Вистината е дека граѓаните се тие кои ќе плаќаат за овој заем во годините што доаѓаат, додека подобните фирми блиски до власта ги собираат придобивките, се вели во партиското соопштение на оваа партија.