Левица: Николовски и ДПМНЕ од петни жили ја бранат урбанистичката мафија

Од Левица велат дека податоците од ДЗС укажуваат дека растот на цените не може да се објасни преку понуда и побарувачка

од Кристијан Димков
19 прегледи Фото: Локално

„Излагањето на Николоски дека растот на цените на недвижностите е последица на Левица, блокирани урбанистички планови и неградењето, никако не соодветствува со реалните состојби на пазарот на домување! Таквото толкување го пренасочува вниманието од суштинскиот проблем на структурно нерегулиран и шпекулативен пазар кој директно влијае врз достапноста на домувањето за граѓаните“, се вели во соопштението на опозициската партија Левица.

Оттаму велат дека Официјалните податоци од ДЗС покажуваат дека во Македонија има значителен број празни станови – дури 36,6% од вкупно 839.174, односно секој трет стан не се користи за живеење, што според нив укажува дека проблемот со домувањето не е во недостиг на станбен простор, туку во нерамномерна распределба и нефункционално користење на постојните недвижност.

Од партијата додаваат дека податоците од ДЗС истовремено го побиваат тврдењето за ограничена градежна активност, односно дека во 2025 година бројот на одобренија за висока градба во скопскиот регион е зголемен за 38,5%, а додека во моментот се евидентирани над 27.000 станови во изградба. И покрај растечката понуда, бројот на закупи е зголемен за 17%, што според нив укажува на сè поголемата недостапност до сопствен дом и зголемена зависност од изнајмување.

„И покрај овие показатели, цените на недвижностите продолжуваат да растат, при што во урбаните центри достигнуваат нивоа од над 3.000 евра по м2. Овие податоци укажуваат дека растот на цените не може да се објасни преку понуда и побарувачка, туку упатуваат на пошироки структурни нарушувања на пазарот, вклучително и шпекулативни практики и висока концентрација на сопственоста на недвижности“, се додава, меѓудругото, во соопштението на Левица.