Левица одбележа 80 години од АСНОМ со церемонија во „Св. Прохор Пчински“

од Илинка Илиоска
41 прегледи

По повод 80-годишнината од првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), делегација на Левица, предводена од претседателот на партијата, проф. д-р Димитар Апасиев, положи цвеќе пред спомен-плочата на АСНОМ во манастирот „Св. Прохор Пчински“. Заедно со Апасиев, во делегацијата беа и потпретседателот Реџеп Исмаил-Хактан и генералниот секретар Јована Мојсоска.

На церемонијата, претставниците на Левица ја истакнаа важноста на идеалите и целите на борбата за слобода и независност на македонскиот народ, кои се остварија со победата во антифашистичката борба и станаа темел на македонската државност. Во своето обраќање, тие нагласија дека вековното искуство на македонскиот народ покажува дека патот до слобода и независност е преку борба, во сојуз со сите угнетени народи на Балканот и ширум светот, против империјализмот.

„АСНОМ-ска Македонија е темелот на македонската државност. Во овие времиња на национална и социјална потиснатост, враќањето на АСНОМ-ските вредности и државнички принципи е клучно за повторно воспоставување на суверенитетот и независноста на македонската држава,“ истакнаа од Левица.

Со положувањето цвеќе и оддавање почит на оние што се бореле за слобода и независност, Левица потсети на значењето на Илинден и АСНОМ за македонската историја.

„Вечна слава на Илинден и АСНОМ! Смрт на фашизмот – слобода за народот!“ се вели во соопштението од Секторот за медиуми и односи со јавноста на Левица.

Слични содржини