Одлуката на Уставниот суд за укинување на Законот за данокот на солидарност претставува директен удар врз социјалната правда и темелните вредности на Уставот на РМ. Наместо да застане на страната на народот, судот им се поклони на најбогатите и им овозможи да ги задржат екстра-профитите што ги остварија врз грбот на граѓаните за време на економската и здравствената криза, велат од Левица по завчерашната одлука на Уставниот суд.
Според партијат, додека крупните бизниси и нивните заштитници во институциите слават, граѓаните остануваат заробени во безизлез: минимални плати, енормни трошоци за живот и товарот на ДДВ – данок кој најмногу ги погодува сиромашните.
-Во оваа држава, работникот, де факто, плаќа повисоки даноци од милионерите, а Уставниот суд сега и официјално потврди дека тоа мора да остане така и дополнително ја продлабочи социјалната нееднаквост во општеството. Ваквата одлука на Уставниот суд претставува само уште една потврда за длабоката заробеност на институциите од страна на олигархијата. Левица ќе продолжи да дејствува во насока на воведување на праведен економски систем кој ќе служи на интересите на мнозинството граѓани, а не на привилегираното малцинство, велат од партијата на Димитар Апасиев.
-Сега опозицијата нека излезе пред граѓаните и нека им објасни дека заради хирови на нивната Влада од џебот на граѓаните ќе се одлеат 50 милиони за солидарниот данок кој Уставниот суд го поништи, коментира премиерот Христијан Мицкоски. Ќе бараме решение, вели тој, најавувајќи дека ќе разговара со компаниите кои плаќале солидарен данок.
Ќе враќаме близу 50 милиони евра на близу 160 компании кои со солидарниот данок беа оданочени во 2022, одлучија уставните судии. Овие компании ќе можат поединечно да бараат враќање на парите во рок од пет години, изјави по седницата претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски. Тој објасни дека одлуката е поништувачка а не укинувачка од причина што со укинувањето и дали со тоа ќе беше постигната правдата спрема овие компании.
Откако беше усвоен Законот за солидарен данок, дополнително се оданочуваа компаниите кои оствариле промет над 10 милиони евра, а добивката била зголемена за 20% во однос на просекот од последните три години. Стопанствениците оценуваат дека ваквото законско решение е погубно и деструктивно за бизнисот и дека со него се испраќа порака според која плаќачите на данок треба двојно да плаќаат и се на сметка на оние кои не плаќаат.
Според иницијативите, Законот стапил во сила од почетокот на ковид-кризата, без соодветен период за прилагодување, што ги довело компаниите во неповолна положба.