Левица ја известува јавноста дека правниот сектор на партијата до Основното јавно обвинителство – Скопје, поднело кривична пријава против двајца менаџери на „Електродистрибуција“ ДООЕЛ: Сашо Салтировски и Јохен Хагеман – поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „Непријавување на кривично дело или сторител“ – казниво по чл. 364, ст. 1 од Кривичниот законик на РМ, со запретена затворска казна до три години.
-Пријавените се теретат дека – во својство на службени лица, управители на компанија за снабдување со електрична енергија –во подолг временски период свесно и намерно прикривале и не пријавувале кражба на струја во поголем износ, односно незаконско користење електрична енергија од страна на жителите на општина Арачиново, велат од партијата.
Од таму очекуваат надлежното ОЈО – Скопје да ја разгледа кривичната пријава и по неопходниот распит на пријавените, како и по комплетирање на целокупната релевантна документација за ова продолжено кривично дело, да покрене обвинение против актуелните управители.