Левица: Со демантот за „октоподот“ ДКСК индиректно призна дека работи за власта

„Фактот што Владата на ДПМНЕ-ВРЕДИ-ЗНАМ секојдневно продуцира афери, местени тендери, партиски вработувања, кронизам, непотизам, судир на интереси, а ДКСК молчи, релативизира или „не наоѓа ништо спорно“, е најсилниот доказ за тоа на чија страна стои оваа институција и во чија полза функционира“, порачаа од партијата на Апасиев

од Nikola Popovski
11 прегледи Фото: Локално

„Демантот на Државната комисија за спречување на корупцијата не само што не ги побива наводите на Левица, туку индиректно и ги потврдува. Со самото признание дека во архивата било ангажирано лице со договор за дело, поврзано со партиски блиски медиумски и универзитетски кругови, и дека институцијата функционирала со сериозни внатрешни слабости, ДКСК всушност го признава она што ние го разобличуваме“, велат од партијата на Димитар Апасиев во вчерашното произнесување од ДКСК за обвинувањата.

Според Левица, со ниту еден збор не се демантира суштината, а тоа е дека, како што велат, во мандатот на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, ДКСК не излезе со ниту еден цврст, храбар и принципиелен став за низа флагрантни случаи на непотизам, судир на интереси, незаконски именувања, сомнителни дипломи, тендерски мрежи, партиски и роднински колонизации на институциите.

-Напротив, Комисијата се прогласуваше за ненадлежна, ги отфрлаше пријавите, „не утврдуваше неправилности“, или ги заглавуваше предметите во фиоки – како во случајот со незаконски именуваниот началник на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, за кого и по повеќе од една година нема никаков исход, ниту пак ДКСК во својот „демант“ кажува до каде е постапката.

Дополнително, ДКСК не реагира ниту на очигледните случаи кога функционери од власта поднесуваат формално доставени, но суштински неточни и нецелосни анкетни листови, со прикриени или искривени податоци за имотната состојба. Станува збор за неправилности кои се лесно воочливи и за најшироката јавност, а не пак за институција чија основна надлежност е токму контролата на ваквите пријави. Впрочен, во неколку наврати, Левица на тацна им сервираше вакви нерегуларности, но и покрај тоа, Комисијата не презеде никакви мерки, ниту пак им наложи на функционерите да ги коригираат анкетните листови, дозволувајќи ваквите пријави да останат „исправни“ во системот, што директно ја поткопува транспарентноста.

Фактот што Владата на ДПМНЕ-ВРЕДИ-ЗНАМ секојдневно продуцира афери, местени тендери, партиски вработувања, кронизам, непотизам, судир на интереси, а ДКСК молчи, релативизира или „не наоѓа ништо спорно“, е најсилниот доказ за тоа на чија страна стои оваа институција и во чија полза функционира. Дали е независен антикорупциски орган, или пак институција со инсталирани, компромитирани кадри кои служат за аминување или заташкување на скандалите продуцирани од арогантноста на власта, стои во партиското соопштение од Левица.

Антикорупциска вчера на брифинг ги отфрли наводите на Левица дека во институцијата постои политичка мрежа на влијание, судир на интереси и селективно постапување по предмети. Претседателот на Комисијата, Адем Чучуљ, оцени дека обвинувањата се неосновани и целосно спротивни на начинот на кој функционира ДКСК.

Левица претходно објави соопштение во кое тврди дека постои „мрежа за контрола врз текот и исходот на предметите“, во која клучна улога ѝ се припишува на членката на Комисијата Цвета Ристовска и на лицето ангажирано во архивата, Татјана Наќева.

Чучуљ вчера изјави дека системот за распределба на предмети не дозволува никакви манипулации.

„Не се работи за никакво влијание врз распределбата, ниту пак тоа е можно да се оствари во пракса, имајќи предвид дека предметите се доделуваат по случаен избор преку електронскиот ДМС-систем“, рече тој, додавајќи дека ниту еден член на Комисијата, ниту претседателот, ниту вработените во секретаријатот не можат да влијаат врз тоа кому ќе му биде распределен предмет.

Во врска со наводите за ангажманот на Наќева, Чучуљ потврди дека лицето било ангажирано, но нагласи дека причините биле исклучиво технички – поради обемна, несредена архива од близу 7 илјади предмети и поради тоа била таа ангажирана. Договорот на Наќева ѝ истекувал на 29 јануари и нема потреба од дополнително негово ангажирање.

„Морам да нагласам дека ова лице нема никакво влијание ниту врз доделувањето, ниту врз распределбата на предметите“, нагласи тој.