На утрешната собраниска седница, на дневен ред е Интерпелацијата против пратеничката од Алијанса за Албанците, Илире Даути. Пратениците на Левица ја поднесоа оваа интерпелација поради нејзиното брутално кршење на Уставот и Деловникот, со кое спречува Законот за бранителите да се најде пред пратениците. Бидејќи пратеници од владејачкото мнозинство изминатиот период изјавуваа дека ќе поддржат интерпелација на Даути, очекуваме на утрешната собраниска седница мнозинството да ја изгласа интерпелацијата поднесена од Левица, велат од оваа партија
– Оваа интерпелација против Илире Даути се темели на три основи:
1. Несвикување седница по барање на Претседателот на Собранието – Илире Даути, спротивно на обврските, водејќи се од своите лични чувства, своеволно и противделовнички го ускрати правото на комисиска расправа и спречи продолжување на законодавната процедура на Законот за бранителите.
2. Несвикување седница по барање на најмалку една третина од членовите на Комисијата – Илире Даути наместо да постапи професионално согласно императивната обврска да закаже седница, сепак дискреционо одлучи повторно да не го почитува Деловникот, со што изврши узурпација на работното тело.
3. Недозволување да се внесат точки на дневен ред на седница на Комисијата – Илире Даути со своето образложение de facto призна дека своеволно го прекршила Деловникот, не ја ставила како точка на дневен ред во деловничкиот рок и не ја почитува процедурата за носење на закони и работа на Собранието.
Несовесно и неодговорно вршење на јавната функција не смее да се толерира. Ги повикуваме ДПМНЕ и ЗНАМ да застанат на страната на правната држава и македонските бранители – во спротивно тие би биле соучесници во блокирањето на законско решение чија цел е да се обештетат хероите кои ја бранеа Република Македонија, се вели во соопштението на Левица.