Левица: ЗНАМ го штити грабежот, ги избраа патните трошоци наместо народот

од Milan1
62 прегледи

Соопштението на ЗНАМ со кое обзнанија дека на утрешната седница нема да го поддржат предлогот на пратеничката група на Левица за кратење на патните трошоци, го цениме како крајно арогантен и расипнички. Анонимните пратеници од ЗНАМ повторно докажуваат дека во Собранието учествуваат само за лични бенефити наместо за позитивни решенија, велат од партијата Левица.

– ЗНАМ со своето соопштение покажува дека е само уште еден приврзок на корумпираниот систем. Наместо да дадат безрезервна поддршка за кратење на патните трошоци, тие го релативизираат проблемот и волјата на народот. Со тоа, само докажуваат дека штом ќе им се укаже шанса, ќе ги искористат механизмите за лично богатење на грбот на граѓаните.

Нивниот став дека нема да поддржат ниту еден предлог кој доаѓа од Левица ја докажува нивната ароганција и не почитување на демократските принципи, односно игнорирање на 70.000 граѓани коишто гласале за Левица на последните парламентарни избори.

Иако пратениците од ЗНАМ се непознати за јавноста, тие веќе активно ги користат патните трошоци и покрај високата пратеничка плата. Ова е уште еден доказ дека нивните наводни ‘принципи’ се само празни зборови за јавноста додека во реалноста уживаат во привилегиите. Дополнително, потсетуваме дека пратеничката Весна Бендевска, сега дел од ЗНАМ, како поранешна пратеничка од СДСМ беше меѓу рекордерите по наплатени патни трошоци.

Нивните понудени „решенија“ и активност како пратеници се сведува само на неразумниот предлог за воведување на трет директор на Царина.

Ги повикуваме пратениците да се вразумат, конечно да одработат согласно волјата на народот и на утрешната седница на Собранието да го изгласаат законското решение предложено од Левица за кратење на патните трошоци и прекинување на злоупотребите на народниот буџет, се вели во соопштението на Левица.

Слични содржини