„Негирањето на македонското малцинство во Бугарија и барањето за внесување на Бугарите во македонскиот Устав, како „конститутивен“ народ, од страна на источниот сосед е само отварање на пандорината кутија по ова прашање. Идентично како од крајот на XIX и почетокот на XX век, Бугарија повторно го користи јазикот како најмоќно оружје за асимилација на Македонците! Овој пат во Албанија“, соопштија од Левица.
Според партијата, бугарската фондација „Македонија“ и нивниот координатор за Албанија, Арнолд Мурати, најавиле отпочнување на курс по бугарски книжевен јазик и литература за „бугарското малцинство“ во Албанија.
„Ваквата политика наведува на тоа дека Бугарија се обидува и македонскиот етникум во Албанија да го претстави како свој, а токму преку оваа програма прави обид да вклучи колку може повеќе Македонци и истите да ги претстави како свое малцинство.Постои реална опасност во догледно време Бугарија од Македонија да побара сопственото малцинство во Албанија да го признае како бугарско, истото барање да се претвори во предмет на преговарачката маса и истото да биде причина повеќе за вето“, велат од партијата на Апасиев.
Оттаму додаваат дека покрај нужноста од заштита на македонското малцинство во Бугарија, државата итно мора да преземе конкретни мерки и за заштита на македонското малцинство во Албанија.