Партијата Левица вечерва информираше дека само пратениците од нејзините редови Димитар Апасиев и Борислав Крмов гласаа против ратификување на протоколите за прием на Финска и Шведска во воениот сојуз НАТО.
-Со ова, Македонија учествува во донесување на одлука водена од империјалистичките интереси на САД, која прекршува принципи и меѓународни договори кои со сигурност ќе влијаат негативно врз стабилноста на континентот, велат од партијата.
Левица додаде дека „пратениците кои гласаа „за“ приемот на Финска и Шведска во НАТО, треба да знаат и дека со тоа целосно ја игнорираа волјата на граѓаните на овие две земји“.
-Имено, иако постоеше барање за референдумско изјаснување на народот во Финска и Шведска по ова прашање, сепак, тоа не им беше дозволено, и владите на овие две земји, под притисок на воениот сојуз НАТО и САД, без да ја испочитуваат волјата на своите граѓани, донесоа одлука за аплицирање во НАТО.
Земји како Финска, која не учествувала во ниту една војна по крајот на Втората светска војна, и Шведска која повеќе од еден век е воено неутрална, земја без извршено воено дејствие, после ова ќе бидат вовлечени во злосторствата и валканите геополитички дејствија на НАТО пактот. Воедно, овие земји, ќе постанат уште една алатка на САД и НАТО за конфронтација со Руската федерација и другите земји кои не се дел од овој воен сојуз, стои во партиското соопштение.