Левица информира дека денеска пратениците од партијата Димитар Апасиев и Борислав Крмов оствариле деведесетминутна работна средба со рускиот амбасадор во земјава Сергеј Баздникин. Според партијата, на средбата било разговарано за актуелните домашни и меѓународни теми, со посебен осврт на специјалната воена операција во Украина и последиците од истата по меѓународниот поредок.
-Акцент се стави на процесот на денацификација и елиминирање на заканите од екстремно-десничарските и радикалните неонацистички политички движења, кои се опасност за секоја современа демократија. Отворени беа и прашања од важност за Западен Балкан, како и за непромислените русофобски изјави на шефот на дипломатијата – г. Бујар Османи, кои беа оценети како провокаторски и непријателски, и кои воопшто не придонесуваат кон развојот на традиционално добрите односи меѓу македонскиот и рускиот народ. Пратеникот Апасиев се огради од последните контроверзни дејствија на македонската дипломатија и потсети дека овие нецивилизирани антируски чекори воопшто не ја изразуваат волјата на мнозинството македонски граѓани, појаснуваат од Левица.
Од опозициската партија додаваат дека „осудени биле непотребните санкции кои Република Македонија, под притисок на ЕУ и НАТО, ги воведе спрема Руската Федерација – од кои најголеми губитници ќе бидат токму македонските земјоделци, а потенцирана беше и заканата од загрозување на досегашниот постоечки безвизен режим меѓу Москва и Скопје, што ќе го отежне патувањето и транспортот меѓу државите“.