Левица: Уставниот суд да го укине т.н. „Закон за двојазичност”

од Vladimir Zorba
285 прегледи

Политичката партија Левица преку соопштение побара Уставниот суд за го укине „законот за двојазичност“.

Од партијата потсетуваат дека поднеле претставка во месец февруари оваа година до Уставниот суд против законот, кој беше објавен без потпис од претседателот. Левица соопшти дека деновиве поднеле и Ургенција до претседателот на Судот – со која бараат повратна информација зошто и по осум месеци од поднесувањето не е постапено по нивната иницијатива – иако Деловникот на Уставниот суд предвидува итност во постапувањето во случаите кога е побарана времената мерка.

„Објавениот нацрт-документ за мислењето на Венецијанската комисија, која отпосле го мониторираше нормативниот текст на „законот“, само се потврдува она што ние го тврдевме цело време во текот на носењето на овој контроверзен и противуставен „закон“: дека тој неразумно ги надминува европските стандарди за заштита на националните малцинства и наметнува нереални и материјално скапи обврски, особено за судскиот систем, кој патем речено треба да се регулира со 2/3, а не со апсолутно мнозинство гласови во парламентот“, велат од Левица.

Партијата смета дека законот е „експанзионистички изблик на албанскиот национализам заради враќање во живот на криминалната партија ДУИ, и спроведува про-форма наместо суштинска заштита на албанското малцинство, дополнително ја дели нацијата по етничка основа и го подрива граѓанскиот карактер на државата – поради што е штетен за соживотот и негувањето на добрите меѓуетнички односи“.

Наместо да го издигнува просперитетот на општеството како целина, велат од Левица, овој „закон“ само ја засилува илузијата дека Македонците не им даваат нешто на Албанците и дека Албанците им одземаат нешто на Македонците, замаглувајќи ја вистината дека бизниспартиите и корумпиранитеелити се тие што добиваат сѐ, на наша заедничка сметка.

„Зад сите овие партии од т.н. „македонски“ или „албански“ блок стојат бизнис-елитите и западните бирократи, а не народот, кој е крајно разочаран и со нетрпение го очекува нивниот пад од политичката сцена. Како прогресивна партија, Левица ќе продолжи да ги користи сите правни и политички механизми кои ни стојат на располагање за да не дозволиме шверцување на туѓи платформи под превезот на божемна заштита на малцинските права! Ова ќе го
правиме сè додека не ја одземеме политичката моќ на буржујските партии и, практикувајќи го правото на самоопределување, ќе ја вратиме истата во рацете на народот, како неприкосновен носител на суверенитетот на Републиката“, додава Левица во соопштението.

Слични содржини