
Левица најостро го осуди инцидентот во кој нивни член заради критика на парадирањето на поранешниот премиер Н.Г во поплавените подрачја, е физички нападнат од член на неговата придружба.
„Левица ја оценува како бесрамна реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ во која нашиот член се нарекува провокатор на СДСМ и во која отсуствува осуда на физичкиот напад извршен во присуство на лицето кое е на чело на нивната партија. Многу членови на Левица се на терен и им помагаат на граѓаните погодени од поплавите и од негрижата на режимот. Нашиот член кој беше нападнат е еден од оние наши членови кои најмногу се вложуваат во помагањето на жителите на погодените села. Нека лицето Н. Г. земе пример од него, нека престане да парадира и нека даде конкретна помош. Воедно, Левица упатува повик до сите политичари да престанат со сликањето во поплавените подрачја. Помошта е најискрена кога е анонимна, а не кога се разгласува на сите фанфари“, пишува во реакцијата на партијата.
Од Левица додаваат дека физичкиот напад е само уште еден од низата напади на режимот против оваа партија.
„За време на протестите апсеа наши членови и вршеа физички напади врз наши другарки. Против двајца наши членови сè уште се води кривична постапка за учество во протестите. Но, едно ќе му порачаме на режимот: нема да нè застрашите, нема да нè замолчите! Левица храбро гази напред“, наведено е во реакцијата.