СДСМ не гледа никаков проблем во личните карти да биде запишана и етничката определба, рече премиерот Зоран Заев.
„Ние сме мултиетничко општество, кадешто покрај државјанството, македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, граѓаните се Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци, Срби…сите етнички заедници во државата и немаме проблем во документ за лична идентификација да го има и тоа право“, рече премиерот Зоран Заев.
За ВМРО-ДПМНЕ делумно би се зачувало националното достоинство доколку во личните карти може да стои етничката припадност
Антонио Милошоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ рече дека во Собранието по нарачка на Зоран Заев, се прави филибастеринг по однос на Законот за лични карти, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ има еден принципиелен став, односно како што рече тој после сите национални понижувања, тие сметаат дека делумно би се зачувало националното достоинство доколку во личните карти може да стои етничката припадност.
Поддршката за графата за етничка припадност, што ВМРО ДПМНЕ ја прифаќа само доколку во графата националност стои „Македонец“ без да стои новото име на државата е во спротивност со Договорот од Преспа.
БЕСА започнува со интензивни комуникации со политичките партии со цел да се одблокира усвојувањето на Законот за лични картии во кој е предложено внесување на етничка припадност.
По предлогот на Беса речиси сите политички партии прифатија во личните карти да стои и етничката припадност.
Засега процедурата е запрена поради големиот број амндмани од страна на Левица.