Лидерите на ЕУ ќе ѝ помогнат на Украина, но не се согласуваат околу ограничувањата на цената на гасот

од Nikola Popovski
137 прегледи

Лидерите на Европската унија денеска во Прага се согласија да обезбедат поголема финансиска и воена помош за Украина, но не дојдоа блиску до одлука за тоа дали и како да се ограничат цените на гасот, објави Ројтерс.

Повеќето членки на ЕУ сакаат ограничување на цените на гасот, но не се согласуваат околу деталите, па опциите вклучуваат ограничување на целиот гас, „динамичен коридор“, ограничување на цената на гасот што се користи специјално за производство на електрична енергија или само руски гас.

„Сите се согласуваат дека треба да ја намалиме цената на струјата, но нема договор кои инструменти да ги користиме за таа цел“, изјави полскиот премиер Матеуш Моравјецки.

Ирскиот премиер Мајкл Мартин, исто така, рече дека треба многу да се работи пред да се постигне договор.

Италијанскиот премиер Марио Драги изјави дека Европската комисија на следниот состанок на лидерите на ЕУ на 20 и 21 октомври ќе претстави поширок пакет краткорочни мерки за намалување на цените и подолгорочни чекори за промена на пазарот на електрична енергија.

Германија, Данска и Холандија се против ограничувањето, загрижени дека тоа ќе го отежне купувањето на гасот што им е потребен на нивните економии и ќе го намали секој поттик за намалување на потрошувачката.

Варшава го нападна Берлин поради планот да потроши до 200 милијарди евра субвенции за заштита на германските потрошувачи и бизниси од зголемените трошоци за енергија.

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека на средбата биле разјаснети „недоразбирањата“ во врска со берлинскиот пакет, што тој го бранел како исправна работа, додавајќи дека Франција, Холандија и другите земји имаат свои мерки за поддршка.

Седум месеци по почетокот на рускиот напад врз Украина, европскиот блок успеа да покаже единство со ветување за континуирана поддршка на Украина, наведува агенцијата.

„Ние сме решени да ги мобилизираме сите можни алатки и средства за да ја поддржиме Украина со финансиски средства, да и пружиме воена, хуманитарна и, се разбира, политичка поддршка“, рече претседавачот на самитот, Шарл Мишел.

Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен изјави дека европскиот блок ќе ја поддржува Украина „се додека е потребно“.

Одлуката дојде откако украинскиот претседател Володимир Зеленски им се обрати на лидерите на ЕУ преку видео врска.

„Русија ѝ донесе војна на нашата земја… И само благодарение на фактот што украинскиот народ ја прекина оваа инвазија на Русија, Русија сè уште не може да ја донесе истата војна во другите делови на Европа, особено во балтичките земји, Полска и Молдавија. рече Зеленски, според транскриптот објавен на неговата веб-страница.

Тој побара повеќе воздушни системи за одбрана на енергетската инфраструктура на Украина од руски напади, меѓународен притисок за отстранување на руските војници од нуклеарната централа Запорожје и средства за обнова на Украина.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Јосеп Борељ, претходно денеска ги повика земјите-членки да одвојат повеќе пари за трошоците за воена поддршка на Украина.

„Ќе побарам од лидерите на ЕУ да го поддржат предлогот за нова транша за Европскиот мировен фонд, за давање воена поддршка за Украина, како и мисии за обука“, изјави Борељ пред новинарите по пристигнувањето на самитот на ЕУ во Прага.

Шолц рече дека Германија ќе даде важен придонес во европската мисија за обука, но, пред меѓународната конференција за ова прашање што ќе се одржи на 25 октомври во Берлин, тој исто така предупреди дека обновата на Украина ќе трае многу години.

Европската политичка заедница не го одложува патот на балканските земји во ЕУ

Австрискиот канцелар Карл Нојхамер истакна дека не верува оти новиот формат на европската политичка заедница ќе го одложи приближувањето на Западен Балкан кон ЕУ, напротив.

Тој им рече на новинарите во Прага дека таквите формати се потребни за да се зајакне врската со системот на вредности и економијата, но предупреди на преголемите очекувања.

„Како и во случајот со Србија и Косово, напредокот не може да се форсира, тоа може да се направи само преку преговори“, рече Нехамер.

Тој посочи дека Србија „во моментов е во јаз“ меѓу Русија и Западот, кој бара примена на санкции против Москва.

Европската политичка заедница, смета тој, може да помогне и на овој план.