Лидерите на ЕУ се согласија за остри санкции кон Русија

од Vladimir Zorba
189 прегледи

Лидерите на Европската унија денеска соопштија дека ќе воведат нови, остри санкции кон Русија поради нејзиниот напад врз Украина, што ќе влијае на руската елита и нејзината економија.

Новите санкции ќе вклучуваат замрзнување на руските средства во европскиот блок – 27 земји-членки, запирање на пристапот на банките до европските финансиски пазари и удар врз „интересите на Кремљ“, објави Ројтерс.

Европскиот блок ќе „удри“ и на руската трговија, енергија и транспорт, меѓу другите сектори, вклучително и контролата на извозот, во она што високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Џозеф Борел го опиша како „најстрогиот пакет санкции што некогаш сме го примениле“.

Александар Де Кроа, белгискиот премиер, изјави дека земјите од ЕУ треба да воведат силни дополнителни санкции против Русија, особено нејзината владејачка елита, откако Москва започна целосна инвазија на Украина.

„Не ни требаат санкции што „лаат“, потребни ни се санкции што „гризат“, кои имаат големо влијание врз руската страна“, изјави Де Кроа за новинарите пред вонредниот состанок на лидерите на Европската унија посветен на договорот за тоа како да се казни Москва, објави Ројтерс.

Словенечкиот премиер Јанез Јанша изјави дека го поддржува воведувањето на најстроги санкции против Русија и дека Украина треба да се приклучи на Европската унија до 2030 година.

„Се разбудивме во различна Европа, различен свет. Зборувајќи за санкции како што знаеме од историјата, тоа не е доволно“, рече Јанша по пристигнувањето на вонредните разговори со лидерите на ЕУ кои, според Ројтерс, треба да постигнат договор за тоа како да се казни Русија поради инвазијата на Украина.

Еврокомесарот за вонредни ситуации и хуманитарна помош Јанез Ленарчиќ разговараше со комесарот на ОН за бегалци (УНХЦР) Филип Гранди за ситуацијата во Украина во светлината на руските воени напади.

Подготвени сме да ги поддржиме нашите партнери во хуманитарните операции во Украина и нејзиното соседство, со цел да им пружиме помош на сите на кои им е потребна“, напиша Ленарчич на Твитер.