Лидерите на ЕУ за утре свикуваат итен состанок: Дали Орбан ќе ја одобри помошта за Украина?

од Stefanija Kuzmanovska
339 прегледи

Лидерите на земјите-членки на Европската унија утре ќе се соберат на вонреден самит во Брисел, каде ќе се обидат да го скршат отпорот на унгарскиот премиер Виктор Орбан да го одобри пакетот макрофинансиска помош за Украина.

Во последните денови и недели се водеа интензивни разговори за да се дојде до решение, но исходот се уште не е сигурен.

„Целта е да се убеди Унгарија да се приклучи на останатите 25 земји. До денес нема успех на тоа поле и сега прашање е како Орбан ќе се претстави на самитот“, изјавил европски дипломатски извор.

Во пресрет на самитот, кој започнува во четврток наутро, лидерите ќе се соберат вечерва на неформална вечера. Шефовите на држави или влади на земјите-членки ќе разговараат за ревизија на седумгодишниот буџет, во чии рамки е предвиден пакет помош за Украина од 50 милијарди евра за следните четири години, пренесува ХИНА.

На последниот самит, во средината на декември минатата година, 26 земји ја поддржаа преговарачката рамка предложена од претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, меѓутоа, согласноста на унгарскиот премиер Виктор Орбан изостана и одлуката не беше донесена бидејќи бара консензус на сите земји-членки.

Предлогот предвидува зголемување на сегашната повеќегодишна финансиска рамка (ВФО за периодот од 2021 до 2027 година за 64,6 милијарди евра). Од тоа само 21 милијарда се свежи пари т.е. земјите-членки за толку би морале да го зголемат својот придонес во буџетот, 10,6 милијарди евра би се добиле со прераспределба на постоечките средства, а останатите 33 милијарди се само гаранции за заемите кои ЕУ би ги подигнала и би ги проследила на Украина по поволни услови.

Вкупниот предложен пакет за Украина изнесува 50 милијарди евра, од кои 17 милијарди се грантови, а 33 милијарди се заеми.

Покрај пакетот помош за Украина, предлогот за ревизија на буџетот предвидува 2 милијарди евра за миграција и управување со границите, 7,6 милијарди евра за соседството и светот, 1,5 милијарди евра за Европскиот одбранбен фонд во рамките на новиот инструмент STEP (Платформа за стратешки технологии за Европа), 2 милијарди евра за инструментот за флексибилност, 1,5 милијарди евра за резервите за солидарност и итна помош.

Орбан го блокираше целиот пакет поради неговото противење на помошта за Украина. Во замена за неговата согласност, тој побара одмрзнување на сите европски фондови наменети за Унгарија. Пред декемврискиот самит, Комисијата одмрзна 10,2 милијарди евра унгарски средства, а сè уште има околу 21 милијарда кои сè уште се блокирани.

Во последните денови Орбан сигнализираше дека е подготвен да го поддржи пакетот помош за Украина во рамките на седумгодишниот буџет, но под услов за тоа да се одлучува годишно и едногласно. Ова е неприфатливо за другите земји-членки и не е во согласност со европските правила.

Притисокот е се посилен

Во ЕУ се зголемува притисокот врз Орбан да престане со уцените, на што тој возвраќа дека Европската унија е таа што ја уценува Унгарија.

Британскиот дневен весник „Фајненшл тајмс“ објави, повикувајќи се на работен документ, дека 26 земји-членки се подготвени, доколку Орбан остане на својата позиција, јавно да ѝ се закануваат на Унгарија со губење на сите средства од европскиот буџет, што потоа ќе има ефект на одвраќање на инвеститорите од инвестициите во Унгарија и слабеење на нејзината валута.

Доколку Орбан не се согласи на компромис, се споменува можноста 26-те земји-членки билатерално да ѝ пружат помош на Украина во предвидениот износ. Но, тоа е доста комплицирано, меѓу другото, затоа што во некои земји-членки тоа мора да биде одобрено од нивните национални парламенти. Дополнително, се губи предвидливоста на финансиската помош, што се наведува како една од целите на политиката на ЕУ кон Украина.

Освен за ревизија на ВФО, ќе се разговара и за зголемување на средствата за Европскиот инструмент за мировна помош (ЕПФ), за пет милијарди евра годишно во следните четири години. Овој инструмент се користи за плаќање на оружје и муниција што земјите-членки ѝ ги испорачуваат на Украина од нивните залихи.

Лидерите ќе разговараат и за ситуацијата на Блискиот Исток.

Слични содржини