Лидерите на Г-20 подготвуваат изјава во која наведуваат дека сакаат мир: Дали ќе биде усвоена?

од Stefanija Kuzmanovska
159 прегледи

Лидерите на земјите од Г-20 подготвија заедничка изјава според која денешниот ден не смее да биде ера на војна.

Освен тоа, во подготвената нацрт-изјава највлијателните светски дипломати ја осудуваат заканата од употреба на нуклеарно оружје. Овие политички пораки од најмоќните земји во светот се најсилниот координиран меѓународен притисок врз Русија да ги запре воените операции во Украина, но и врз Кина, која дава тивка поддршка на воената кампања на Москва.

Според извори блиски до неколку делегации на самитот на Г-20 на Бали, нацрт-заедничката изјава има посебна тежина бидејќи е подготвена по неколкудневни преговори меѓу претставници на западните земји со Русија и Кина. Во една од пораките на заедничката изјава се вели:

„Заканата од употреба на нуклеарно оружје е неприфатлива. Мирното решавање на конфликтите, напорите за решавање на кризите, како и дипломатијата и дијалогот се од витално значење. Денешната ера не смее да биде ера на војна“.

Пред да се постигне начелен договор за заедничката изјава, официјалните лица кои ја подготвија стравуваа дека тоа би можело да биде прва заедничка изјава што нема да биде прифатена поради противењето на Москва, а можеби и на Кина. Сепак, лидерите на Г-20 допрва треба да ја потпишат заедничката изјава.

Г-20 усвои став од кој е јасно дека руското војување има негативно влијание врз луѓето насекаде, без разлика дали живеат во голема или мала земја.

Слични содржини