Лидерите на Групата седум (Г7) денеска објавија дека обезбедиле финансиска помош за Украина за оваа година и почетокот на 2024 година, бидејќи ја повторија својата посветеност да обезбедат финансиска и воена поддршка во нејзината борба против Русија.
„Денес преземаме нови чекори за да се осигураме дека илегалната агресија на Русија против суверената држава Украина нема да успее и да го поддржиме украинскиот народ во нивната потрага по праведен мир заснован на почитување на меѓународното право“, се наведува во соопштението на лидерите на Г7 кои се состанаа во Хирошима, пренесува „Ројтерс“.
Се додава дека е неопходно „целосно и безусловно“ повлекување на руските трупи од Украина, како и дека земјите-членки се договориле за дополнителни санкции против Москва.