Лидерот на Боко Харам е мртов, соопшти групата

од Stefanija Kuzmanovska
475 прегледи

Лидерот на Боко Харам, Абубакар Шекау, е мртов, соопшти оваа група, за која се верува дека е одговорна за смртта на десетици илјади луѓе. Нигериските власти претходно објавија во три наврати дека Шекау е мртов.

Смртта на Абубакар Шекау беше потврдена две недели откако нигериските тајни служби објавија дека лидерот на Боко Харам се самоубил за да не падне во рацете на ривалите од Исламската држава.

Иако и Исламската држава и нигериските власти тврдеа дека Шекау е мртов, набљудувачите беа многу претпазливи, имајќи предвид дека главата на исламистите претходно беше прогласувана за мртва во три наврати.

Според медиумите во Нигерија, лидерот на Боко Харам се самоубил за да не падне во рацете на ривалите од Исламската држава, кои со педесетина возила упаднале во неговиот штаб во северозападна Нигерија.

Веста за нигериските медиуми ја потврдија и претставници на тајните служби, наведувајќи дека Шекау си пукал во градите и активирал елек со експлозив.

Нигерискиот „Дејли пост“ тврди дека властите на таа земја биле информирани за смртта на водачот на Боко Харам, но властите не можеле да соопштат повеќе детали за тој настан.

Во исто време, Стејт департментот објави дека Исламската држава не може да добие награда од седум милиони долари, која Вашингтон ја вети за фаќање на водачот на Боко Харам.

Абубакар Шекау ја водеше Боко Харам од 2009 година, кога беше убиен неговиот претходник Мухамед Јусуф.

Слични содржини