Во акцијата на антитерористичките безбедносни сили во Република Кабардино-Балкарија во Русија, денеска беа ликвидирани пет екстремисти, кои, како што беше соопштено од Националниот антитерористички комитет, заговарале со цел да извршат терористички операции.
– Утрово, околу 3 часот, терористите беа блокирани во куќа во предградието на Налчик. Ним им беше наредено да го положат оружјето и да им се предадат на властите. Но, наместо тоа, тие пукале врз припадниците на безбедносните сили. Во размената на оган што следеше, петмина беа ликвидирани – се наведува во соопштението на Националниот антитерористички комитет и се додава дека екстремистите планирале терористички акции, пренесува ТАСС.
Властите потврдија дека нема повредени припадници на безбедносните сили и дека се водат истраги на местото на акцијата утрово.
Федералната служба за безбедност на Руската Федерација донесе одлука за прогласување состојба на трајна антитерористичка операција во таа област.