Limak ја одбележува двегодишнината од отворањето со највисоки оценки за квалитетот на услугата

од Vladimir Zorba
167 прегледи

Со добивањето на највисоки оценки и признание за квалитет на услугите и задоволство на гостите од најголемиот глобален сервис за онлајн резервации Booking.com, луксузниот хотел со пет ѕвездички – Лимак Скопје ја одбележува двегодишнината од отворањето.

Корисниците на порталот Booking.com на Limak Skopje Luxury Hotel му доделиле средна оценка поголема од девет, од максимални 10. Највисоко се оценети удобноста, луксузноста и оригиналните содржини што ги нуди хотелот, а нагласени се и нивото на хигиена, квалитетната услуга и односот на персоналот.

„Задоволните лица, насмевките и комплиментите што ги добиваме од гостите се најдобриот подарок што можеме да го посакаме за вториот роденден на нашиот хотел. Среќни сме што нашата понуда и ниво на услуги се оценети како извонредни. Во комбинација со одличната локација во центарот на градот, прекрасниот ентериер и професионалниот, висококвалификуван персонал, правиме сè што е потребно за секој поединечен гостин да го почувствува луксузот што го ветуваме. Со задоволство можам да кажам дека и покрај сите ограничувања и предизвици со кои се соочувавме во изминатите две години, благодарение на напорната и посветена работа на целиот тим, високите стандарди и големата поддршка од нашата групација, успеавме да ги постигнеме и да ги надминеме поставените цели, што сите нас нѐ прави особено задоволни“, изјави генералниот директор на Limak Skopje Luxury Hotel, Ѓокан Рамазаноглу.

Благодарение на добро познатиот бренд Лимак, кој е гаранција за луксузниот амбиент и квалитет на услугата, само за првите осум месеци од отворањето, и покрај тогашните мерки наметнати од ситуацијата со Ковид-19, хотелот во Скопје го посетиле гости од 73 различни националности, а нивниот број во текот на 2022 година се искачил на 110.

Профилот на гостите е разновиден, од туристи и деловни посетители, па сѐ до посетители кои сакаат да го поминат своето слободно време во луксузен амбиент, уживајќи во уникатните содржини што ги нуди хотелот. Истовремено, во овој период хотелот воспоставил деловна соработка со повеќе од 340 компании кои ги користеле неговите услуги. Заради одличните можности и капацитети што ги нуди, досега во хотелот се организирани голем број конференции, конгреси и друг вид корпоративни настани и свечености.

Хотелот вработува и вложува значителни средства, знаење и експертиза во развојот на своите вработени, кои во најголем дел се од земјава. За нив е креирана и специјална програма за професионален развој, која преку соодветни протоколи овозможува целкупниот персонал на хотелот да стекне и да ги надгради своите знаења и вештини кои овозможуваат супериорна услуга за гостите, а истовремено овозможува и соодветно вреднување и наградување за нивната работа и достигнувања.

Како дел од мултифункционалниот комплекс Diamond of Skopje, за хотелот Лимак допрва следува исклучително возбудлив период. Имено, довршувањето на резиденцијалниот дел од комплексот и почетокот на работата на трговски центар Diamond Mall што се очекува наскоро, ќе создадат дополнителни можности, содржини и придобивки за гостите во хотелот и додатно ќе ја зголемат неговата атрактивност.

Слични содржини