Литванскиот министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис повика да престане издавањето визи за руските граѓани на ниво на целата Европска унија.
Забраната е поддржана од земји како Финска и Естонија, а против се германскиот канцелар Олаф Шолц и Европската комисија.
„Идеално би требало да биде одлука на европско ниво што едноставно ќе ја укине важноста на тие визи, па секој би престанал да ги издава“, рече Ландсбергис во средата.
Литванија уште порано престана да издава визи за Русите по почетокот на инвазијата на Украина, а истото го направија и Естонија и Летонија, додека Финска ги заострува правилата.
Ландсбергис ја доведува во прашање ефикасноста на таквите мерки за поединечни земји бидејќи руските граѓани можат да влезат во Шенген зоната врз основа на визите издадени во други земји-членки на ЕУ.