Емигранти од Белорусија на кои Минск им го ускрати правото да ги обноват пасошите ќе можат да добијат специјални патни документи во Литванија, соопштија властите.
Таквите пасоши ќе се издаваат на белоруски државјани кои имаат право на престој во Литванија, но немаат пасош или соодветна патна исправа, соопшти Министерството за внатрешни работи на земјата. Ова ќе им овозможи да ја напуштат и да влезат во Литванија, која дели 679 километри граница со Белорусија.
Минатата недела Минск објави дека нејзините дипломатски претставништва повеќе нема да издаваат пасоши на граѓаните кои постојано живеат во странство, потег што се смета за удар за белоруските иселенички заедници во Европа. Забраната би можела да ги натера оние кои избегале од земјата поради зголемената репресија да се вратат за да ги задржат своите патни документи.
Според официјалните податоци, повеќе од 58.000 белоруски граѓани во моментов живеат во Литванија, вклучувајќи ги и членовите на опозицијата на претседателот Александар Лукашенко. Меѓу нив е и Светлана Тихановска, која побегна во Литванија откако Лукашенко објави дека победил на оспорените избори во 2020 година.
Во меѓувреме, Литванија објави дека регистрирала рекорден број мигранти на границата со Белорусија, јави ДПА.
Според податоците на граничната служба на земјата, во последните три дена 472 лица се обиделе да ја преминат надворешната граница на ЕУ. Само вчера биле пријавени 246 обиди – најголем број досега во рок од 24 часа, објави граничната агенција на земјата. Вкупниот број обиди за илегално преминување на границата годинава надмина 7.800, наспроти нешто помалку од 5.300 лани.