Литванија, Латвија и Естонија: ЕУ да формира Специјален трибунал за руски воени злосторства

од Stefanija Kuzmanovska
201 прегледи

Министрите за надворешни работи на Литванија, Естонија и Латвија издадоа заедничка изјава во која ја повикуваат ЕУ, заедно со меѓународните партнери, да ѝ помогне на Украина во формирањето на Специјален трибунал каде што ќе се суди за руските воени злосторства извршени за време на руската агресија врз соседната земја, пишува „Киев пост“.

Литванскиот министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис на Твитер напиша дека тој и неговите колеги од Летонија и Естонија повикале на формирање Специјален трибунал за Русија.

„Како геополитичка унија, ЕУ треба да финансира и да помогне да се пополни празнината во меѓународната јурисдикција. Руските воени злосторства се толку големи што Хашкиот трибунал не е доволен“, напиша Ландсбергис.

Во заедничката изјава на тројцата министри се наведува и дека Трибуналот треба да ги истражи злосторствата за агресија и да се погрижи Русија да одговара.

„Меѓународниот поредок заснован на правото што сите ние се стремиме да го браниме не може да опстане доколку има неказнивост за делата кои најтешко го нарушуваат – геноцид, воени злосторства, злосторства против човештвото и злосторство на агресија“, наведуваат тројцата министри.

Слични содржини