Белорусија објави дека побарала од Литванија испорачување на лидерката на опозицијата Светлана Тихановскаја, но Вилнус веднаш го отфрлил барањето.
Белоруското обвинителство соопшти дека побарало од своите литвански колеги, засновано на билатерален договор од 1992 година, да ја екстрадираат Тихановскаја за да биде гонета „за злосторства против јавната безбедност“ во врска со нејзината улога во пост-претседателското протестно движење во август, пренесува „Франс Прес“.
Сепак, министерот за надворешни работи на Литванија, Габриелиус Ландсбергис рече дека „сите што се засолниле во Литванија можат да се чувствуваат безбедно, затоа што нема да бидат вратени во режимите кои ги бараат, без разлика дали станува збор за нивната борба за демократија и слобода на изразување или за нивната верувања“.
„Имаме само една работа да му кажеме на белорускиот режим – Попрво ќе стане ладно во пеколот отколку што ќе го разгледаме вашето барање“, рече Ландсбергис.
Тихановскаја, која се засолни во Литванија веднаш по изборите за да избегне апсење, изрази благодарност на Твитер до таа земја „не само за спротивставувањето на режимот на белорускиот претседател Александар Лукашенко, туку и за испраќањето силна порака за поддршка на Белорусите“.
Grateful to Lithuania and @GLandsbergis for not only standing up against Lukashenka's regime but also sending a clear message that 🇱🇹 strongly supports Belarusians https://t.co/ylKW0uyJJX
— Sviatlana Tsikhanouskaya (@Tsihanouskaya) March 5, 2021