Најголем дел од најновите патнички автомобили (стари две години и помалку) меѓу земјите членки на Европската унија на крајот на 2020 година е регистриран во Луксембург, каде има околу 22 отсто од сите патнички автомобили, покажуваат податоците на Заводот на статистика на ЕУ (Евростат).
Се додава дека по Луксембург следат Франција, Австрија, Ирска, Белгија и Шведска, кои имаат меѓу 16 и 17 отсто од најновите патнички возила од вкупниот број автомобили. За потсетување, патничките возила на домашните патишта, според последните достапни податоци, се во просек стари 17 години.
Исто така, најголем удел на патнички автомобили стари меѓу две и пет години е забележан во Луксембург и Ирска (по 28 проценти) и во Белгија (24 проценти).
Од друга страна, најголем дел од најстарите патнички автомобили (20 години и постари) е забележан во Полска (40 проценти), Естонија (33 проценти) и Финска (28 проценти).
Кога се комбинираат двете најстари возрасни категории на возила, најголем удел на патнички автомобили постари од 10 години е регистриран во Литванија (81 отсто), потоа Романија (80 отсто) и Полска (78 отсто).
Ова е во целосна спротивност со Луксембург, кој има само 24 отсто од постарите возила, Ирска (29 отсто) и Белгија (32 отсто), каде што сочинуваат помалку од една третина од сите патнички возила.
Исто така, Евростат забележува дека нема податоци за Бугарија, Грција, Словачка и Исланд.