Една третина од украинските војници веќе се предале кај Лисичанск на територијата на самопрогласената Луганска Народна Република, соопшти денеска амбасадорот на ЛНР во Русија, Родион Мирошник.
„Судирите се интензивни во околината на Лисичанск, а според последните извештаи во моментов се води прилично крвава битка со многу жртви. Приближно една третина од украинската војска се предала, додека другите две третини останале на теренот“, рече Мирошник, пренесува ТАСС.
Тој изјави дека „операцијата за ослободување на републиката Донбас ќе биде завршена веднаш штом ќе заврши операцијата во Лисичанск“, а украинските сили ќе се повлечат кон Северск.
„Околу 5.000 до 7.000 украински војници би можеле да бидат распоредени на потегот од Славјанск до Северск, во обид да формираат упориште таму, но тешко дека би било можно таму да се пружи силен отпор“, рече Мирошник, според руската агенција.
Претходно, помошникот министер за внатрешни работи на самопрогласената ЛНР, Виталиј Кисиљов, за ТАСС изјави дека повеќе од 1.000 украински војници биле убиени во близина на Лисичанск и дека неколку офицери се заробени.