Лога од Шибеник: Образованието на експертите и размената на искуствата се важен чекор во сузбивањето на компјутерскиот криминал

од Nikola Popovski
156 прегледи

Министерот за правда Кренар Лога  присуствува  на Самитот за сајбер криминал  на Југоисточна Европа кој се одржува во Шибеник  од 21-23 мај. Говорејќи на панел дискусијата на тема „Сајбер криминал-безбедносна закана во Југоисточна Европа и важноста на соработката”, министерот Лога порача дека е неопходно секоја држава да обезбеди сигурно, безбедно, доверливо и отпорно дигитално окружување а сајбер заканите и нападите стануваат  почести, пософистицирани и предизвикуваат се поголеми штетни последици .

„Сајбер безбедноста може да се оствари само ако се располага со ефективни и ефикасни капацитети за сајбер безбедност, но и ако се работи на превенција. Искуството е најдобра пракса. Образованието на експертите и размената на искуствата се важен чекор во сузбивањето на компјутерскиот криминал.

Живееме во време на енормно зголемување на бројот на интернет и ИКТ корисници, поголем број достапни и ефективни електронски услуги и апликации чиј што број е правопропорционален со нови сајбер ризици и напади. Голем е бројот на случаи каде што тој тешко се открива, уште потешко се обезбедуваат докази, а во некои случаи е невозможно  ефикасно да се спроведе кривичната постапка и сторителите  да  се  изведат пред лицето на правдата и соодветно да  бидат санкционирани”, рече Лога.

Како примери беа посочени анонимните портали креирани во Велес кои беа поврзани со изборите во САД како и лажните пријави за бомби во училиштата во неколку градови кои доаѓаа од анонимни пријавувачи а беа оценети како дел од хибридна закана и сајбер криминал.

Во однос на активностите кои ги презема Владата, Лога информираше дека Република Северна Македонија стана 103-та членка на Глобалниот форум за сајбер-експертиза (Global Forum on Cyber Expertise), една од најголемите светски мрежи за интернационална соработка и градење на капацитети за сајбер-безбедност. Во 2018 година донесена е Национална стратегија за сајбер безбедност  2018-2022 година, а подготвена е и нова Страегија за сајбер безбедност за периодот од 2023-2026 година. Формиран е Национален совет за дигитална трансформација на општеството, чија основна цел е планирање, координирање и реализација на активностите потребни за дигитализација на процесите како и ефикасно справување со предизвиците што таа ги носи.

Република Северна Македонија има потпишано билатерални договори со неколку држави за унапредување на соработката во борбата против сајбер криминалот. Овие договори обезбедуваат правна основа за размена на информации и докази, како и за заеднички истраги и гонење. Во текот на 2019 година, официјално се вклучивме во работните досиеја на Европол, Twins за детска порнографија и Cyborg за компјутерски криминал додека веќе неколкугодини активно работиме и разменуваме информации во работното досије Terminal за злоупотреба на банкарски податоци и платежни картици.

Министерот за правда информираше дека нашата држава учествува во проектот за градење на капацитети за сајбер безбедност Cyber Security Rapid Response за Република Северна Македонија, Република Албанија и Република Црна Гора, кој е поддржан од ЕУ и е предвиден да се спроведе во периодот 2023-2026 година од страна на e-Governance Academy (eGA) од Република Естонија. Сите проекти имаат за цел да спроведат  обука и сертификација на обучувачи од областа на сајбер безбедноста, сајбер криминалот и дигиталната дипломатија,  со цел да се изврши зајакнување на  оперативните и институционалните капацитети на владите од земјите од Западен Балкан во функција на справување со сајбер заканите и нападите.

Самитот го организираше Министерството за правда и јавна администрација на Република Хрватска и Министерството за правда на САД и на него учествуваат високи претставници на земјите од Југоисточна Европа и САД.

Слични содржини