„ЛОЈАЛНОСТ КОН УСТАВОТ“: Германскиот парламент усвои закон со кој ќе се овозможи полесно отстранување на „непријателите на уставот“

од Vladimir Zorba

Германскиот парламент усвои закон кој ќе го олесни отстранувањето на „непријателите на уставот“ од правсудството. Со измените на законот што претставниците ги поддржаа во четвртокот навечер се продолжуваат роковите за разрешување на судиите, пренесува германската новинска агенција (dpa).

Бундестагот или парламентите на германските сојузни покраини сега ќе можат да бараат од Сојузниот уставен суд да премести судија чија лојалност кон уставот е доведена во прашање.

Досега дисциплинските постапки за судиите обвинети за неправилно извршување на работните задачи беа поведени најдоцна шест месеци по завршувањето на соодветната судска постапка.

Сега тоа е можно до една година по завршувањето на судската постапка.

„Обвинението против судијата“ е важен инструмент за одбрана на уставната држава, изјави министерката за правда на Саксонија, Катја Мајер.

„Во судството нема место за непријатели на уставот“, додаде таа.

Во август минатата година беше покрената постапка против поранешниот пратеник Јенс Маер од десничарската Алтернатива за Германија (АфД), кој исто така беше судија.

Саксонското Министерство за правда го обвини Маер за прекршување на службените должности на неговата претходна работа во судот во Дрезден.

Бидејќи Саксонската канцеларија за заштита на уставот го прогласи за десничарски екстремист, на Маер му беше забрането да служи како судија.

Слични содржини