Нова мутација на коронавирусот се шири низ Лондон и југот на Англија, а минатата недела беше откриена во Јужноафриканската Република. Поради тоа, Холандија и Белгија веќе забранија слетување авиони од Велика Британија.
Агенцијата АФП известува дека извор близок до германското Министерство за здравство изјавил дека Германија размислува и за забрана за летови од Велика Британија и Јужноафриканската Република.
Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека новиот вид на вирусот е околу 70% позаразен од досега познатиот.
Џонсон истакна дека „нема докази дека (новата мутација) е поубиствена или дека почесто предизвикува сериозни болести“. Исто така, според премиерот, засега нема индикации дека вакцината е помалку ефикасна.
До недела беа идентификувани нешто повеќе од 1.100 случаи на заразени со овој вид на короната. Се верува дека тој е одговорен за 60% од сите инфекции во Лондон.
Мутациите се чести, но не вакви
Џонсон нареди строго заклучување за Лондон и тој дел на Англија за време на празниците.
„Кога вирусот го менува начинот на напад, ние мора да го промениме начинот на кој се браниме“, рече тој.
Министерот за здравство Мет Хенкок за „Sky News“ изјави: „Кога ќе разгледаме колку побрзо се шири новата варијанта, ќе биде тешко да се одржи под контрола додека не се забрза вакцинацијата“.
Мутациите на вирусите се честа работа. Научниците досега откриле илјадници варијанти на коронавирусот. Сепак, повеќето мутации не го прават вирусот на кој било начин поопасен или позаразен.
Британските научници сега заклучија дека со оваа мутација е поинаку. Според научниците, тоа не доведува до потежок тек на болеста додека се испитува дали е поотпорна на вакцини.