Полицаец од Лондон денеска се изјасни за виновен по 24 точки од обвинението за силување и злоупотреба на жени во период од речиси две децении, од 2003 до 2020 година, што го прави еден од најтешките сексуални престапници во британската историја.
Лондонската полиција и државното обвинителство објавија дека Дејвид Керик (48) ја злоупотребил својата позиција на моќ со цел да ги контролира и заплаши своите жртви, заканувајќи се дека никој нема да им верува на зборот дека припадник на полицијата извршил кривично дело, пренесува „Ројтерс“.
По серијата скандали во лондонската полиција, која и онака се бори со големата недоверба на јавноста, беше упатено извинување во кое се признава дека „криминалниот модел на злоставување извршен од припадникот на полициската служба не бил забележан на време“.