Кинескиот претседател Си Џинпинг треба да ја искористи посетата на Москва за да го охрабри рускиот претседател Владимир Путин да ги повлече своите војници од Украина, соопшти денеска британската влада.
„Ако Кина сака да одигра искрена улога во обновувањето на суверенитетот на Украина, тогаш ние би го поздравиле таквиот потег“, изјави владиниот портпарол за новинарите, пренесе „Ројтерс“.
Тој го изнесе британскиот став дека „потенцијален мировен предлог што не се заснова на суверенитетот и самоопределувањето на Украина“ воопшто не може да се смета за мировен договор.
„Затоа ќе продолжиме да ја повикуваме Кина, како што правевме претходно, да им се придружи на другите земји ширум светот во повикувањето на Путин да ги повлече своите војници“, изјави портпаролот на британската влада.
Помошникот на рускиот претседател за меѓународни прашања Јуриј Ушаков денеска изјави дека Путин и Си ќе разговараат за конфликтот во Украина на претстојната средба во Москва на 20 март.