Лозари прашуваат: Како може винариите да откупуваат грозје за 16 до 18 денари, а флашираното вино да го продаваат за 1.000?

од Vladimir Zorba
456 прегледи

Колкава ќе биде висината на паричната помош што ќе ја добијат лозарите, ќе биде утврденo дополнително, во текот на  следниот период.

На состанокот со Министерот за земјоделство и претставници на винариите, здруженијата биле информирани дека сеште не е дефиниран процентот којшто за оваа намена ќе биде издвоен од буџетот за следната година.

Министерството предлага 12.000 ден. по хектар , но ние не се согласуваме, бидејќи на тој начин ќе се стават во незавидна положба оние кои годинава имаа мал принос поради болести на лозата. Ние баравме 20 000 ден. од хектар  за површините  зафатени од болести, особено за лозарите кои не собраа ниту еден килограм грозје. За Сојузот на здруженија на лозаропроизводителите најразумно барање е да се добијат три денари дополнителна помош по килограм“, изјави за Локално, претседателот на ова здружение Јован Златeвски.

Од друга страна, според Златeвски, од претставниците на винариите не добиле каков било став.

Јован Златeвски

Јован Златeвски

Ваквиот однос според него е целосно неразбирлив бидејќи е неиздржлива актуелната ситуација во која просечната откупна цена  на грозјето, се движи од 18 денари за вранецот и 16 денари за смедеревката а виното потоа се продава за 1.000 денари.

Нема џентлменски договор со винариите бидејќи тие гледаат  да ни го откупат грозјето по што е можно пониска цена за да можат да остварат поголема добивка. Штом нема кооперантски договори, тоа треба да се среди со  Законот за вино. Во него е предвидено  откупната цена да биде еднаква со производствената и плус зголемена за 30% “, вели Златeвски.

Изненаден од ваквата, како што вели незаинтересираност од страна на винариите, Златевски потенцира дека во случај на намалување на површините под лозов насад голем дел од винарските визби ќе останат без винска суровина.

Од друга страна, доколку лозарите добијат соодветна помош, тоа би било мотивација за производителите да ги прошируваат насадите и  да не  штедат на ѓубриво и квалитетни препарати, со цел на крајот да добијат квалитетно грозје и вино кое ќе се продава на европскиот пазар како флаширано,  а не како наливно вино. 

Во ваква ситуација, според него, единствено што им преостанува на лозарите е да го чекаат новиот Закон за вино како и десетгодишната  Стратегија за лозарство и винарство со кои според нив, конечно треба да се воспостави  ред во оваа област и би се  надминала сегашната алармантна состојба во која родот континуирано се намалува. Според податоците на лозарите, оваа година родот е за 50% помал во однос на лани кога биле произведени 94 милиони килограми грозје. Пред 10 години или во 2013 година, во Македонија биле произведени 183 милиони килограми грозје.

За винскиот развој, неговите резултати, но и за предизвиците со коишто се соочува говореше и министерот Николовски во интервју за „Локално“.

Како аргумент во насока на се позначајниот успех на нашата држава на ова поле посочи дека  само  во првите шест месеци од годинава е извезено вино во вредност од 40 милиони евра што е само по себе доказ за зголемениот квалитет на произведеното домашно винско грозје. Токму во оваа насока е и неговата јасна порака дека ниту еден лозар нема да биде оставен сам и дека следи ново фер решение кое предвидува финансиска поддршка и за производителите на винско и за производителите на трпезно грозје.

„Со новиот модел за субвенционирање токму лозарството е гранка каде нема услов за минимални количини на произведено и набрано грозје, па така сите лозари независно од тоа колкава количина грозје произвеле, ќе ги добијат преостанатите 28.000 денари со поднесена изјава“, рече Николовски за „Локално“.

И  податоците од бизнис мрежа покажуваат дека во 2022 г. дел од винариите работеле и повеќе од добро.Така на пример,  Винаријата Бовин Неготино лани својата добивка ја зголемила за речиси 300 %  (294,61%) споредено со 2021 г. Веднаш потоа е винаријата Барово која бележи зглемување на нето добивката од над 130 %. Винаријата Охрид зголемување на нето добивката од 52,65%,  винарија Попов Сопот стварила 44% поголема добивка споредено со 2021 г., додека Тиквеш Кавадарци во 2022 г. имала нето добивката за 27% поголема од 2021 г.

К.В.С.

Слични содржини