Либералната партија на Македонија преку соопштение ги извести граѓаните за позициите кои партијата ги усовила на третата седница на Централниот комитет:

ПОЛИТИЧКИ ПОЗИЦИИ
- Како опозициска партија што не е во коалиција со СДСМ, ЛИБЕРАЛНАТА ПАРТИЈА ја поздравува определбата за демонополизација на опозицијата, истакната во јавните настапи на функционерите на СДСМ.
Оттука, ЛИБЕРАЛНАТА ПАРТИЈА очекува со внимание да бидат разгледувани нејзините предлози за решавање на кризата од страна на СДСМ. ЛП продолжува да придонесува кон конструктивното барање решение на тековната политичка криза.
- Во врска со тековната состојба во процесот на договарање со посредништво на претставници на ЕУ во кој учествува и СДСМ, ЛИБЕРАЛНАТА ПАРТИЈА ги дава следните сугестии и оценки содржани во овие Политички позиции.
- Според ЛИБЕРАЛНАТА ПАРТИЈА, потребно е прво да се посвети посебно внимание на формулацијата „транзициски период“ во точката 5 од Договорот потпишан на 2 јуни 2015 во скопско Пржино (Договорот).
Притоа, во Договорот треба да се даде појасна слика за основните потреби за определување „транзициски период“. Во таа смисла, треба да бидат наведени сите оценки на ЕУ со кои се бара во РМ да престанат: споеноста на државата и партијата на власт, притисоците врз медиумите и невладините организации, да се оспособат институциите да работат без притисок од извршната власт, да престане масовното нарушување на човековите права и да се обезбеди вистинската улога на институциите во заштитата на правата…
Договорот ја потврдува спорната легитимност на државните институции конституирани по изборите 2014. Со точката 5, Договорот потврдува дека во Македонија кризата е и политичка и институционална. Адекватно, точката 5 од Договорот ги легитимира и сомнежите произлезени од содржината на објавените разговори за начинот на практикувањето на власта и злоупотребата на државните институции од партиите на власт.
Оттука, се потврдува определбата на ЛП владата што ќе го спроведува транзициониот период да не биде составена од лицата кои ги раководеле институциите на гореспоменатиот начин – премиерот Груевски и неговите соработници од владиниот и партискиот врв.
Самиот Договор мора да потврди и овозможи транзицискиот период да заврши со неспор-ни, фер и демократски избори по европски стандарди.
- Имајќи ги предвид констатациите на овие Политички позиции, како и фактот што конкретните одредби од точка 6 ставови 1 и 3 од Договорот се пробиени (договор за влада до 10 јуни, не-објавување прислушкуван материјал, нови кривични пријави против Заев), станува јасно дека Договорот е прекршен и спорна е применливоста во поголем дел од предвидените обврски.
- Бидејќи е најважно да се остварат целите на транзицискиот период, сметаме дека е потребно да се корегира применетата методологија за постигнување одржливо решение за надминување на кризата и превенција на нејзиното повторување. Во таа смисла, потребно е:
- Јасно да се наведат политичките обврски што ќе ги преземат партиите подготвени да поддржат нова, преодна Влада;
- Да се спроведе попис, како единствена основа за утврдување неспорен избирачки спи-сок;
- Обвинителството и судовите да се оспособат за отворање објективни и неспорни истраж-ни и судски процеси под мониторинг на домашната и меѓународната јавност уште во периодот на траењето на преодната концентрациона Влада, како и ефикасно завршување на постапките по предметите важни за остварување на целите на транзицискиот период;
- Да се оневозможи партиска контрола врз медиумите и да се поддржи објективното информирање на јавноста. Еден од основните чекори во таа смисла е комплетна реформа на функционирањето и програмската активност на МРТ, вклучително нужните персонални промени;
- Да се утврдат изборни правила и постапки што реално ќе ја одразат волјата на гласачите без оглед на политичката, етничката или било која друга припадност, ќе обезбедат еднаквост на гласот и ќе придонесат кон демократизација на самите политички партии и на општиот политички, општествен и економски амбиент во земјата.
За ЛИБЕРАЛНАТА ПАРТИЈА и очигледното мнозинство партии, тоа е промена на изборниот модел во пропорционален модел со една изборна единица (и отворени листи).
- Утврдување датум за избори согласно рокот доволен за спроведување на гореспоменатите чекори.
- ЛИБЕРАЛНАТА ПАРТИЈА стои на располагање да помогне во дефинирањето на ваквите чекори и е подготвена за нивното презентирање и застапување да ја сподели одговорноста со другите политички чинители.