Според ЛИБЕРАЛНАТА ПАРТИЈА, епилогот од Брисел уште еднаш покажа дека Никола Груевски не сака договор. Конкретно, се потврди дека Груевски не помислува да си оди од Владата која е извор на кризата.
Затоа, ЛИБЕРАЛНАТА ПАРТИЈА го поддржува вчерашниот пристап на претседателот на СДСМ, Зоран Заев на преговорите во Брисел.
Оттука, според ЛИБЕРАЛНАТА ПАРТИЈА, јасно е дека решението за преодната влада треба да се бара и надвор од сегашниот владин состав, особено вон постоечкиот состав во Владата од ВМРО-ДПМНЕ.
По Брисел, јасно е дека пред преодната Влада претстојат огромни обврски за деконтаминација на системот за создавање минимум неопходни услови за фер и демократски избори.
Оттука, за ЛИБЕРАЛНАТА ПАРТИЈА јасно е дека преодната Влада треба да има мандат од 12 до 18 месеци од денот на нејзиниот избор.
Според ЛИБЕРАЛНАТА ПАРТИЈА, во претстојниот период е неопходно да се покрене независна истрага за настаните од 9 и 10 мај во Куманово, во која ќе учествуваат компетентни лица од меѓународната заедница.
Укажуваме дека расветлувањето на Кумановскиот случај е од значење не само за Македонија и македонското општество, туку и од регионално значење.
Водејќи се од фактот што тековната криза е и политичка и институционална, а нејзин извор е Владата на Никола Груевски и лично премиерот, ЛИБЕРАЛНАТА ПАРТИЈА го охрабрува лидерот на СДСМ да ги објави и содржините со кои располага во однос на случајот „Монструм“ и други случаи што ги допираат меѓуетничките односи. Така ќе зајакне меѓусебната доверба меѓу граѓаните Македонци и Албанци и ќе зајакне кохезијата во општеството.
