ЛИБЕРАЛНАТА ПАРТИЈА внимателно ги следи информациите во медиумите за работата на Групата што ги усогласува ставовите за обезбедување фер и демократски избори на 24 април 2016.

Едно од прашањата што ги обработува таа група е воведување регистрација на гласачите и на таа основа да се направи Избирачкиот список. Сметаме дека тоа решение носи и одредени ризици, што може да имаат сериозни негативни последици во праксата.
Имено, не постои сигурност дека со „доброволна“ регистрација ќе може да се обезбеди уставното право на глас на голем дел од граѓаните. Имајќи предвид дека рокот за регистрација е порано од почетокот на изборната кампања, ваквото решение во старт го дестимулира остварувањето на уставното право на глас на граѓаните кои може да решат да гласаат поттикнати од кампањата.
ЛИБЕРАЛНАТА ПАРТИЈА предупредува дека системот на доброволна регистрација многумина може да го сфатат како ослободување од граѓанската обврска да гласаат, а други да ги изложи на притисок од четирите партии да се регистрираат само оние за кои тие се сигурни дека ќе гласаат за нив.
Ако се примени тој метод на правење на Избирачкиот список, во дадените услови постои можност да се преполови избирачкото тело во Македонија, што дополнително ќе го намали легитимитетот на било која власт и на институциите.
Во услови кога постои големо разочарување од политичките партии, а особено од сегашната власт, постои одбојност кон лично политичко размислување и определување на граѓаните. Оттаму и огромниот процент, речиси половина од избирачите што се неопределени, на овој начин де факто се попречени и се ускратени од правото на избор.
Ваквиот систем на правење на избирачкиот список ги задоволува само теснопартиските интереси на четирите партии – потписнички, а го спречува проширувањето на основата на демократскиот развој на земјата.