Луганск најави референдум, од Москва порачаа: „Не е време за тоа“

од Nikola Popovski
260 прегледи

Шефот на комитетот на Државната дума, Леонид Калашников, смета дека сега не е вистинскиот момент да се одржи референдум во Луганск за приклучување кон Русија.

„Мислам дека сега не е вистинското време за ова. Нема потреба да се грижиме за такви прашања, кога судбината се решава на фронтот“, изјави тој за ТАСС.

Шефот на Луганск, Леонид Пасечник, пред новинарите изјави дека во блиска иднина во т.н. Луганска Народна Република би можело да се одржи референдум за приклучување кон Русија, на кој нејзините жители ќе се изјаснат по ова прашање.

Пасечник во разговорот со новинарите изјави дека граѓаните на Луганск имаат право да го кажат своето мислење дали Луганск ќе го продолжи својот пат како независна република или како дел од Руската Федерација.

По повод изјавата на Пасечник зборуваше и рускиот функционер Андреј Клишас, кој ги поздрави размислувањата на лидерот на Луганск и рече дека според Уставот, граѓаните имаат право да го кажат своето мислење за вакви прашања.

Неколку дена пред руската инвазија на Украина, лидерите на Доњецк и Луганск побараа од Русија и Владимир Путин да ја признае нивната независност, што Кремљ го направи на 21 февруари.

Три дена подоцна, Русија започна инвазија на Украина, а нападот беше дефиниран како „специјална воена операција“ која, како една од целите, има ослободување на регионот Донбас во источна Украина.