Лукаку револтиран по новите расистички испади: „Доста е“

од Vladimir Zorba

Белгискиот фудбалер и напаѓач на англиски Челси, Ромелу Лукаку ги повика властите да преземат вистинска акција по уште една серија расистички испади на европските стадиони.

„Доста е, преземете вистинска акција, сега“, напиша Лукаку на социјалните мрежи.

Викендов имаше три грди расистички инциденти во Германија, Белгија и Англија.

Во германска трета лига, натпревар беше прекинат поради расистички навреди од трибините, Винсент Компани, тренерот на Андерлехт, беше на мета на навивачите на Клуб Бриж, додека играчот на Арсенал, Роб Холдинг слушна расистичка злоупотреба упатена кон неговите соиграчи во Лидс, пренесе Хина.

Фудбалерите на германскиот третолигаш Оснабрик го напуштија теренот во 35. минута на гостувањето кај Дуизбург поради расистички навреди од трибините. За прв пат во три професионални германски лиги една екипа го напушти теренот по расистички инцидент и натпреварот не продолжи.

Прекинот дојде при резултат 0:0 во 35. минута од натпреварот меѓу МСВ Дуизбург и ВфЛ Оснабрик, откако домашните навивачи расистички го навредуваа темнокожиот напаѓач на гостите Арон Опоку (22), кој по потекло е од Гана, но направи неколку настапи за младата германска репрезентација.

Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ) објави соопштение во кое го осудува расистичкиот инцидент и бара одговорните да бидат казнети.

Во Белгија инцидент се случи на дербито помеѓу Клуб Бриж и Андерлехт. Тренерот на Андерлехт, Винсент Компани изјави дека е згрозен од расистичките навреди од домашните навивачи на неделниот натпревар, кој заврши 2:2.

Компани додаде дека неговите играчи и членовите на стручниот штаб биле исто така изложени на расистички навреди.

„Јас го напуштам натпреварот ужаснат. Јас и моите помошници бевме навредувани во текот на целиот натпревар, а и играчите беа расистички навредувани. Не треба да поминуваме низ ова“, рече Компани.

Англиските медиуми јавуваат дека имало расистички испади на натпреварот помеѓу Лидс и Арсенал на Еланд Роуд.

Голманот на Арсенал, Роб Холдинг изјави дека жртви на расистичките испади биле Николас Пепе и Нуно Таварес, кои се загревале покрај западната трибина.

На почетокот на оваа година, селекторот на Англија, Герет Саутгејт, изрази поддршка за своите играчи, откако беа навредливи на расна основа во победата од 4-0 против Унгарија во квалификациите за Светското првенство.

„Мислам дека нашите играчи не можат да направат ништо повеќе отколку што направија во последните две или три години за да ги пренесат вистинските пораки, да ги заземат вистинските позиции и на другите луѓе им останува да ги заштитат. На мене е да ги заштитам на прво место, но и властите да ги заштитат“, го цитира „Daily Mail“ англискиот стратег.

Слични содржини